Продолжува судењето за „Пулс“

Во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На денешното рочиште е предвидено сведочење на законски застапници на оштетените во случајот.

Во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На денешното рочиште е предвидено сведочење на законските застапници на оштетените во овој предмет.

На претходното рочиште, по предлог на Обвинителството, сведочеше сопственик на авто-лимарски сервис лоциран веднаш до дискотеката. Тој зборуваше за реновирањето на објектот од негова перспектива како сосед, како и за трагичната ноќ кога „Пулс“ беше зафатен од пожар.

Претходно, одбраната на обвинетиот Александар Нацев, во воведниот збор, посочи дека во текот на постапката ќе докаже дека „обвинетиот Александар Нацев не бил ниту одговорно лице, ниту реален сопственик на правното лице ‘Рубикон’“. Дополнително, беше наведено дека припадниците на обезбедувањето ноќта на трагичниот настан немале обврска ниту биле ангажирани да вршат контрола на бројот на присутни гости, проверка на безбедносната опрема и сигурносните услови на објектот, како и дека обвинетото правно лице немало обврска да достави план за обезбедување.

Основниот кривичен суд Скопје, на почетокот на денешното рочиште, одлучи постапката за овој предмет да се спои со постапката против сопственикот на објектот.

Во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето претставува чекор кон утврдување лична и институционална одговорност, нагласувајќи дека општеството мора да се соочи со вистината – кој дозволил, кој молчел и кој не спречил да се случи трагедијата во „Пулс“. Според него, не е важно само кој го запалил огнот, туку и кој имал можност да го спречи, посочувајќи дека трагедијата не е резултат само на употребата на пиротехника, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола, кои ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“. Јанев нагласи дека се бара правда – не како одмазда, туку како последица на незаконитост и занемарена должност.

Сите обвинети на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Дел од нив изразија сочувство до семејствата на жртвите, но останаа на ставот дека не сториле „тешки дела против општата сигурност“.

Повеќемина обвинети, преку своите адвокати, ја оспорија основаноста на обвинението. Одбраните тврдат дека обвинетите не презеле дејствија што би можеле да доведат до пожарот, дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на индивидуална вина. Најавено е изведување докази и сведоци во прилог на овие тврдења.

Во досегашните воведни обраќања своја одбрана изнесоа и првообвинетиот, сопственикот на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, сопственикот на „МММ кафе“ Митко Стојанов, обезбедувачот Стојанчо Димитриев и Гроздан Милковски, сопственик на објектот. Јованов изјави дека и по девет месеци поминати во притвор не може да поверува во трагедијата и дека, како родител, никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот. Неговиот син, третообвинетиот Михаил Јованов, преку одбраната тврди дека против него нема ниту еден доказ и дека е обвинет исклучиво поради семејната поврзаност.

Бранителите на Митко Стојанов нагласија дека обвинението против него е неосновано и дека не постои причинско-последична врска меѓу неговите постапки и пожарот. Адвокатката на Гроздан Милковски истакна дека постапката за закуп била законита, дека обвинетиот поседувал валидна документација и дека не учествувал во адаптацијата на објектот.

Проектантката Милка Едровска, преку својата одбрана, посочи дека била ангажирана исклучиво за изработка на сообраќајно решение за паркинг и дека нема никаква поврзаност со адаптацијата или внатрешната структура на објектот. Градежните инспектори, пак, наведоа дека не можеле да постапуваат без пријава или наредба, тврдејќи дека причината за трагедијата не лежи во градежни пропусти.

Поранешниот градоначалник на Општина Кочани, Ратко Димитровски, преку својот бранител оцени дека обвинението претставува преседан, наведувајќи дека тој уште пред отворањето на објектот поднел барање за неиздавање дозвола за работа. Одбраните на поранешните градоначалници Николчо Илијев и Љупчо Папазов тврдат дека тие постапувале согласно закон, дека надзорот не бил во нивна надлежност и дека процесот се води врз основа на нецелосна истрага.

Обвинетите од обезбедувањето, преку своите адвокати, истакнаа дека обвинението се темели на претпоставки, дека дел од нив имале строго ограничени задачи и дека немале реална можност да спречат внесување пиротехника, повторно посочувајќи на институционални пропусти како клучна причина за трагедијата.

Поранешните министри за економија Крешник Бектеши и Ваљон Сараќини, како и поранешните директори на Дирекцијата за заштита и спасување, во воведните излагања го негираа обвинението и истакнаа дека немаат никаква вина. Одбраната на обвинетите службеници од Министерството за економија наведе дека тие имале исклучиво административни надлежности поврзани со документацијата за лиценци, без право или можност за теренска инспекција, и дека постапувале врз основа на документи заверени од други институции.

Пазарните инспектори, преку својата одбрана, упатија низа забелешки кон Обвинителството, наведувајќи дека правната конструкција е погрешна и дека во јавноста се пласираат неточни информации за нивните ингеренции и за статусот на објектот.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“, при што загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало повеќе посетители од дозволеното, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Според обвинението, објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без исполнување на минимално-техничките услови, со реконструкции без одобрение и без функционален систем за противпожарна заштита.