Азески бара електрична енергија да штеди и државата, и граѓаните и компаниите

Бранко Азески – претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија бара државата веднаш да преземе мерки кои би значеле пресретнување на евентуална ескалација на состојбите што би можело да се случат следната зима. Бара штедење и од државата и од граѓаните и компаниите. Особено вели, мора да се штеди електричната енергија.

„Ние треба прво отворено да кажеме дека државата се наоѓа во тешка ситуација, нешто што јас го повторувам изминатите шест месеци и барам сериозна акција околу тоа. Имаме неколку состојби кои што дефинитивно констатирани можат многу тешко да ја погодат економската активност да дојде до затворање на компаниите и намалување на работните места“ – рече Азески.

Ако државата не ја разбере потребата од поддршка на компаните, ако тоа не се случи, ние ќе имаме сериозни проблеми, вели тој.

„Чувствуваме дека Владата е насочена кон граѓанството, не кон фирмите, мислиме дека тој пат не е добар, да не речам погрешен и треба да има корекција. Мора да се задржи економската активност затоа што без тоа со затворање на капацитетите ќе создадеме поголем гап кој во ваква неизвесност која претстои може да биде катастрофален. Државата треба да се одрекне од некои комодитети веднаш и не треба да размислува за никакви алтернативи освен за запрегнување на ракавите и за фаќање во костец со проблемот“ – рече Азески.

Според него, треба да се штеди на се. Државата, нагласува, треба да го поттикне тој процес и ние сите да го прифатиме, затоа што сето тоа може да биде значајно во овој период. Ниту едно од отворените прашања кои ја содадоа кризата не е решено.

Особено проблематичен, според него, може да биде порастот на цената на струјата која влијае на работата на компаниите. Државата, односно континуирано сите Влади, нагласува, се тие што доведоа до ситуација да неамаме доволно сопствено производство да ги задоволиме сопствените потреби.