(ВИДЕО) Академик Беџети: Нема подобрувања, во некои аспекти има и влошување во економската состојба
➡Линеарното зголемување не би требало да продолжи. ➡Пензискиот фонд е огромен терет. ➡Добро е што проекциите на капиталните расходи за 2026 се значително помали. ➡Стапката на раст може да биде и максимална, но тоа зависи од основата. Од еден на два растот е 100%. ➡За валутен борд треба вонредни ситуации, доколку доаѓа до критична состојба. ➡Ние имаме големи недостатоци во делот на структурните реформи, во делот на функционирањето на институциите. ➡Скептичен сум дека идната година ќе имаме раст од 3,8% како што проектира Влада. ➡Зголемувањето на минималната плата не треба да биде на терет на државата ➡Парадокс е обвинителството да има повисоки плати од судството. ➡Немаше денеска да бидеме во НАТО ако седевме со скрстени раце“, се дел од поентите во разговорот со академик Абдулменаф Беџети, претседател на Фискалниот совет.
„Оваа година стигнавме до околу милијарда евра трансфер од централниот буџет до Фондот за ПИОМ заради навремена исплата на пензиите коешто е резултат на линеарното зголемување на пензиите досега. Линеарното зголемување не би требало да продолжи, би требало да се врати во системското зголемување, односно индексирање, како што е регулирано во законите. Но тоа е одлука на Влада, изјави за магазинот „Трилинг“, академик Абдулменаф Беџети претседател на Фискалниот совет.

Околу предлогот за зголемување на старосната граница за пензионирање Беџети вели дека своевремено се дадени два предлога.
„Едното беше постепено зголемување на старосната граница и тоа „клизаво“ – три месеци за една година, па во текот не четири години – една година. Тоа беше нашата идеја, значи не одеднаш да се зголеми на две или три години. Впрочем, така прават и сите земји членки на ЕУ. Второ, беше укажано да се нивелира, односно да се ревидира нагорното ревидирање на стапката за пензиско-инвалидско осигурување. Ние во минатото знаеме дека сме имале стапка дури и до 21,5%, во однос на сегашната која е 18,5% посто“, вели Беџети.
Говорејќи за предупредувањата и стравувањата од опозицијата, како и на дел од економистите дека државната каса е празна и буџетот станува дупка без дно, Беџети вели дека не се реални стравувањата до таа мера, затоа што веќе една-две години влегуваме во фискална консолидација.
„Ако се сеќавате ние бевме на ниво на јавен долг на 62,4%, за да сега сме под 60%. Така што нема простор за таков страв и такво предвидување. Факт е дека пензискиот фонд е огромен терет, факт е дека тој не е одржлив и дека трендот е влошувачки, затоа што ако го гледаме односот помеѓу вработени и пензионери, а тој е 1,7 вработен кон еден пензионер, што значи недостижно е да се исплати таа пензија. Треба полека да се стигне до еден према два за да може Фондот да оди кон консолидација. Втор момент е дека од 2027 година дел од пензиите ќе почне да се сервисираат и од вториот столб што ќе го растерети буџетот за трансферите.
-Инаку само оваа година потребата за дополнителни трансфери е 200 милиони евра повеќе во однос на лани за да се задржи оваа динамика на исплата на пензии. Ова е резултат на покажувањето коешто беше направено – два пати по 2.500 денари“, вели академик Беџети.

Говорејќи за реализацијата на капиталните расходи Беџети вели дека 31 октомври 2025 тие се на ниво од 55%, но до 22 декември тие се 60% што е далеку од очекуваното и оптималното.
„Тоа покажува дека ние немаме капацитет за реализација на поголеми износи на капитални расходи, капитални инвестиции. Оттука, имајќи го предвид овој капацитет, добро е што проекциите на капиталните расходи за 2026 се значително помали, бидејќи тие изнесуваат 3,6% од БДП. Не е добро да проектирате одредени буџетски средства а да не можете да ги реализирате“, смета Беџети.
Прашан дали може да се обезбеди фискална рамнотежа во ситуација на перманентно задолжување, а истовремено и враќање на стари долгови Беџети вели:
„Во однос на буџетот 2025 година, каде што дефицитот беше проектиран на 4%, во 2026 година дефицитот е проектиран на 3,5%, што значи оди кон постепена консолидација. Тоа е добро, не е доволно, но сепак е добро како тренд. Ново нето задолжување ќе биде 400 милиони евра, така се планираните потреби за да се финансира буџетот. Ако догодина растеме над 3%, или како што е предвидено3,8%, за што јас сум скептичен, тогаш ќе излезе дека нето долгот се намалува“, вели Беџети.
Околу оправданоста на барањата за зголемување на минималната плата, академик Беџети вели дека тие може да бидат оправдани во зависност од која точка се гледаат.
„Ако гледате во регионот, последните зголемувања беа во Албанија, но ако тоа се спореди со продуктивноста тогаш е тешко оправдано. Но во ред е ако социјалните партнери се договорат, но не на терет на државата“, вели Беџети.
Академикот деловната клима во Македонија ја оценува како модерирана.
„Модерирана, затоа што нема подобрување, во некои аспекти има и влошување. Ако го читаме и Извештајот на ЕК ќе видиме дека има и недоследности, дека има многу потфрлувања, и тоа е факт, без разлика што политичарите велат дека сме четврта, петта земја во Европа по стапка на раст. Стапката на раст може да биде и максимална, но тоа зависи од основата. Од еден на два растот е 100%. Високите стапки или модерираните стапки на раст се веќе минато во развиените земји“, смета Беџети.

Запрашан дали во услови кога немаме моќна опозиција и контрола врз јавните финансии и јавната потрошувачка, дали можеби треба да размислуваме за валутен борд, Беџети вели дека сме далеку од таа состојба.
„За валутен борд треба вонредни ситуации, доколку доаѓа до критична состојба. Мислам дека државата има институции коишто водат грижа во делот на ефективноста, ефикасноста на јавната потрошувачка. Од една страна е Државниот завод за ревизија, од друга страна и Фискалниот совет врши надгледување и дава извештаи на секои три месеци. Ние ги следиме во голема длабочина состојбите со фискалните трендови и тенденции“, вели Беџети.
Говорејќи на политички теми, за тоа зошто Македонија стагнира, и зошто како земја лидер пред десетина година сега сите не одминуваат, Беџети вели дека тоа е заради блокада од ЕУ по однос на теми од политички корпус.
„Ние имаме големи недостатоци во делот на структурните реформи, во делот на функционирањето на институциите и тн. Сето тоа ни е домашна задача. Имаме сѐ уште дуплирани надлежности, уште повеќе се создава конфузија. Се тужакаме дали се мали или високи платите и слично. На пример, парадокс е обвинителството да има повисоки плати од судството“, вели Беџети.
Прашан дали може долгорочно да велиме дека Бугарија ни е крива за застојот, Беџети смета дека не може еднострано да се прикаже виновноста.
„Мислам дека секој треба да си земе дел од таа вина. Не можеме ние целосно да се амнестираме ако остануваме со скрстени раце. Немаше денеска да бидеме во НАТО ако беше така. Но сепак тоа се тешки, сензитивни одлуки коишто треба да ги носат тие што имаат мандат за тоа. Лесно е јас како аналитичар да коментирам, но јас не излегувам потоа на избори да барам гласови. Но сепак, трендот е загрижувачки бидејќи ни се празни државата, ни бегаат младите. Од ден на ден ние имаме се помалку активно работно население, а уште помалку квалитетна работна сила. Имаме огромна асиметрија на пазарот на трудот, кадешто од една страната компаниите, работодавачите бараат квалификувани работници, а од друга страна нудиме, неквалификувани, неспремни кадри. Значи нудиме доброволна невработеност. Така што состојбата на пазарот на трудот ни е катастрофална“, вели Беџети.
Целото интервју погледнете го во видеото.