Макрон ќе ги пречека македонските и бугарските власти, ама кога ќе дојде време

Претседателот на Франција – Емануел Макрон соопшти дека е подготвен да ги пречека властите на Бугарија и С. Македонија во Париз, ама кога ќе дојде време за тоа. Целта е склучување билатерален договор кој ќе овозможи отпочнување на преговорите за пристап на земјава во Европската Унија.

Франција претседава со ЕУ до 1. јули, а земјата веќе неколку недели ја поддржува потрагата по решение за спорот меѓу двете соседни земји.

Макрон за време на неодамнешните разговори со бугарскиот претседател Радев и македонскиот премиер Ковачевски изразил целосна поддршка за договор меѓу двете земји, кој ќе придонесе за добрососедски односи и ќе ја консолидира европската перспектива на С. Македонија.

Вчера Ковачевски изјави дека Франција како претседавач со ЕУ ги олеснува разговорите помеѓу двете страни, но оти не постои конкретен предлог на маса за решавањето на спорот помеѓу Скопје и Софија.

„Во рамките на нивните ингеренции и капацитет тие помагаат во фасилитирање на разговорите помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, меѓутоа не постои конкретен предлог на маса којшто ќе каже ова е тој предлог, бидејќи сепак треба ние да изнајдеме решение како соседи што ќе биде навистина основа за да можеме да градиме добрососедски односи и да претставува основа за одржување на прва меѓународна конференција за нашата држава со ЕУ“ рече тој.