
Македонија е на врвот на листата како најзагадена земја во Европа, според податоците од мапата на Европската агенција за животна средина, која го следи индексот на квалитет на воздухот во европските земји.
Според овие податоци, Македонија е во најлошата категорија кога станува збор за концентрации на честички PM2.5 и PM10, со екстремно високо загадување на воздухот.
Измерените концентрации на PM2.5 во земјата се неколку пати над максималната дозволена граница од 25 микрограми на кубен метар, што претставува сериозен здравствен ризик за населението. Овие честички се меѓу најопасните загадувачи, бидејќи лесно продираат длабоко во белите дробови и крвотокот на луѓето.
Иако Македонија минатата година се рангираше на 59-то место од 180 земји во светот според Индексот за еколошки перформанси, состојбата со квалитетот на воздухот останува загрижувачка. Според рангирањето за загадувањето на воздухот, земјата беше само на 128-мо место, што покажува сериозен јаз помеѓу формалните политики за животна средина и реалната состојба на терен.
Загадувањето со честички во земјата произлегува главно од согорувањето на нафта, нафтени деривати и јаглен, вели професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија. Според него, овие извори се меѓу главните фактори за високи концентрации на ПМ честички во воздухот, особено во зима.
„Од 2002 година, на секои пет години спроведуваме истражувања за загадувањето на воздухот, особено во региони каде што има историско индустриско загадување преку биомониторинг со мовови со земање примероци од истите места за да се следат трендовите. Се испитува присуството на кадмиум, олово, цинк, кои се резултат на работата на Топилницата Велес, рудниците во источниот дел од земјата, Југохром и Макстил. Можеме да потврдиме дека загадувањето што го забележавме на почетокот на истражувањето беше присутно и во 2020 година. Оваа година зедовме примероци и моментално ги анализираме, но не очекуваме поголеми промени“, рече Стафилов на научен форум организиран од Еколошкото друштво на Македонија.