
(ВИДЕО ) Проф. Дескоска: Судовите да го исфрлат „дивото месо“
➡Уставно-правно судството е поставено како независна, како трета власт, а тие честопати не се однесуваат како власт. Се додека немаат сфаќање за својата улога во системот тие не можат да го добијат заслуженото место. ➡Амнестирање на моќници, промовирање на принцип на неказнивост е нешто што го руши системот на владеење на право и ќе биде пречка на нашиот пат кон ЕУ. ➡Во овој момент владеењето на оваа гарнитура на власт е подобро отколку власта на Груевски, смета Дескоска.
„Ние сме задоволни од степенот на имплементација на препораките заради тоа што Венецијанската комисија до сега го има угледот на непристапна и професионална комисија и земјите со добра волја го имплементираат. Тука е интересно што Венецијанската комисија дава еден вид на стручна и правна помош на земјите кои се стремат кон ЕУ, но исто така дава и мислења во земји кои се веќе членки на Унијата, така што ние сме задоволни и од едните и од другите во степенот на имплементација на мислењата“, вели за „Трилинг“ проф. Рената Дескоска потпретседателката на Венецијанската комисија прашана колку и како се имплементираат сугестиите во домашното законодавство по рецензиите Венецијанската комисија.
Прашана за двата закони за Јавното обвинителство и зошто предлогот е двотретинско мнозинство за избор во Собранието за обвинител, наместо досегашните 60. и дали се потребни промени на Уставот, Дескоска вели дека членовите на Венецијанската комисија по етички стандарди не коментираат за одредени заклучоци и мислења.
„Мислам дека Венецијанската комисија ужива сериозен углед во Македонија. Сите препораки коишто доаѓаат се добро прифатени“, смета Дескоска.
Говорејќи за прашањето околу судско-обвинителскиот дел, проф Дескоска смета дека проблемот е во начинот на функционирање и во одредени спреги кои постојат во делот на поврзаност, лобирања и тн.
„Мислам и дека е проблем кога се дава и генерализација. Не е во ред кога одредени епитети се лепат на сите судии. Се додека судиите, судовите не се спремни да го исфрлат она „диво месо“ кај нив и оние луѓе коишто го нарушуваат нивниот углед на сите ќе им се лепи етикетата.
„Уставно-правно судството е поставено како независна, како трета власт, а тие честопати не се однесуваат како власт. Се додека немаат сфаќање за својата улога во системот тие не можат да го добијат заслуженото место“, вели Дескоска.
Околу високиот степен на корупција и криминал професорката вели:
„Амнестирање на моќници, промовирање на принцип на неказнивост е нешто што го руши системот на владеење на право и ќе биде пречка на нашиот пат кон ЕУ“.
За тоа дали е возможно прифаќање на амандман – уставни промени со одложено дејство Дескоска како правник смета дека правно технички е возможно, но додава:
„Секоја таква измена којашто произлегува од надворешно барање не сме ние сами слободни да ја креираме.. Инаку, да можевме сами да си донесеме амандман со одложено дејство без за тоа да имаме согласност од ЕУ тоа ќе се направеше до сега. Факт е дека за тоа ние немаме слобода сами да го направиме. Така што од тој аспект, она што е правно возможно од политички аспект е бескорисно“.
На политички план професорката вели дека со тогашниот мандатар, Зоран Заев, имале меѓусебно разбирање кога си ја поднела оставката, но за последните изборни циклуси смета дека излезноста покажува генерална апатија и разочараност.
„Ако ги анализираме локалните избори, видовме сериозен пад во бројот на гласови кај сите политички партии и сериозен пад на излезноста кај граѓаните, што покажува генерална апатија и разочараност, што не е добар сигнал заради тоа што немате веќе субјект кој изворно ги привлекува граѓаните. Држава во која што имате слаба опозиција има ризици во себе“, вели Дескоска.
Околу тоа дали Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се пресилни или СДСМ е сѐ послаб и ова води кон авторитарно владеење, Дескоска смета дека во овој момент владеењето на оваа гарнитура на власт е подобро отколку власта на Груевски.
„Од тој аспект не ги гледам оние сериозни проблеми коишто постоеја во времето на Груевски каде што Македонија под силниот авторитарен популизам „стенкаше“. Но факт е дека имаме слаба опозиција којашто не може да парира“, вели проф. Дескоска.
Целото интервју погледнете го во видеото