
Бабиш се огради од ставовите на Орбан и Фицо за парите од ЕУ за Украина
Новиот чешки премиер, Андреј Бабиш, се дистанцира од ставовите на Унгарија и Словачка, кои одбија 90 милијарди евра финансиска помош за Украина на самитот на Европската унија во Брисел, и нагласи дека Чешка го поддржува договорот.
Новиот чешки премиер, Андреј Бабиш, се дистанцира од ставовите на Унгарија и Словачка, кои одбија 90 милијарди евра финансиска помош за Украина на самитот на Европската унија во Брисел, и нагласи дека Чешка го поддржува договорот.
– Ние немаме ист став како Словачка и Унгарија. Ние ја поддржуваме Украина. Ги поддржавме заклучоците од самитот само со исклучок што не сакаме ние да даваме гаранции за кредити. Словачка и Унгарија одбија каква било помош, изјави Бабиш за чешките медиуми доцна синоќа, по самитот во Брисел.
Иако унгарскиот премиер Виктор Орбан и словачкиот Роберт Фицо објавија дека Бабиш ќе го зајакне дуото што ја отфрла помошта за Украина, Бабиш пред самитот изјави дека во принцип Чешка дури и го поддржува користењето на руските замрзнати средства, што Орбан го означи како „практично објавување војна“ на Русија, пренесе Бета.
– Јасно е дека Русија мора да плати репарации, но за тоа ќе се преговара кога ќе заврши војната. Русија ја нападна Украина и ќе мора да плати за штетите што ги предизвика. Сега е важно европските лидери, Трамп, Зеленски да се договорат за примирје и мир, рече Бабиш вчера пред самитот.
Во блиска иднина се очекува можна средба меѓу Бабиш и украинскиот претседател Володимир Зеленски, но според неофицијалните најави, чешкиот премиер прво сака да се запознае со Меѓународната иницијатива за муниција што ја почна претходната влада на премиерот Петр Фијала. Преку таа иницијатива, од јуни 2024 година, чешки посредници наоѓаат артилериска муниција во трети земји. Тие се платени од развиените западни земји кои се членки на иницијативата и се даваат како подароци на Украина.
Новиот чешки премиер остро ја критикуваше таа иницијатива во предизборната кампања и се закани дека веднаш ќе ја откаже, но кога стана премиер се повлече и сега сака да види дали и како може да се продолжи.