Четири тарифни модели предложени за пресметка на струја за домаќинствата

Предложени се четири тарифни модели за пресметка на струја за домаќинствата, на денес одржаната прва јавна расправа за реформа на тарифниот систем за електрична енергија организирана од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).

На расправата беше прецизирано дека првата блок тарифа ќе се однесува на корисниците кои трошат до 210 киловат часови електрична енергија во високата тарифа, вториот блок ќе биде за потрошувачите што трошат до 420, третиот од 420 до 630 и четвртиот над 630 киловат часови во висока тарифа.

Имено, симулациите за реформа на тарифниот систем за електрична енергија покажуваат дека со воведувањето на четири блокови на потрошувачка само во високата тарифа дури 87 отсто од домаќинствата во зимскиот период би плаќале пониска цена на електричната енергија во високата тарифа (дневна струја) отколку со постојниот тарифен систем, а во летниот период тој процент би достигнал до 92 отсто.

Регулаторот и експертите кои ги изготвуваа предлог новите правила посочија дека 87 отсто од домаќинствата ќе имале пониски сметки за електрична енергија, доколку новиот правилник важеше од јануари до крајот на овој месец.