Пропадна расправата за пријавата за Талат Џафери

На денешната седница не беше прифатен предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се расправа за пријавата за повреда на Етичкиот кодекс од страна на пратеникот Талат Џафери, спикерот на Собранието.

Пет гласа „против“ и четири „за“ е одбиена пријавата на ВМРО ДПМНЕ.

Пријавата беше поднесена од пратениците Дафина Стојаноска, Антонијо Милошоски, Ели Панова, Рашела Мизрахи, Александар Николоски, Дајанчо Ефтимов, Александар Велјановски, Бети Стаменкоска Трајкоска, Зоран Коцевски, Драган Ковачки, Тони Јаревски, Лидија Петкоска, Бојан Стојаноски, Велика Стојкова Серафимовска, Даниела Христова, Иванка Василевска, Благица Ласовска и Љупчо Пренџов откако во јавноста беше објавена снимка на која се слуша Џафери како со висок тон и пцости се обраќа кон вработени во собраниските служби.

Собранискиот спикер Џафери на последниот брифинг со новинарите рече не чувствува одговорност да се извини на собраниските службеници кон кои се обратил со погрдни зборови и потенцираше дека не смета оти го прекршил Етичкиот кодекс и вели дека за ова прашање има процедура која тече во телата на Собранието.