„Подметнувањето на пожарот во Бугарскиот културен центар во Битола претставува уште еден обид за разгорување на страстите, со цел да се спречи постигнување разумно решение од страна на министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, заедничката Историската комисија и сите оние кои се трудат да најдат такво решение“.
Ова денеска за бугарската „Нова тв“ го изјави вицепремиерот и министер за финансии на Бугарија – Асен Василев.
„Пожарот не е насочен против Бугарија или Република Северна Македонија , туку е насочен против обидите да се постигне договор и тоа доаѓа по многу долго време на разговори и ветувања, за да се дојде до точка на разбирање“ – смета Василев.
Според него, подметнувањето на пожарот е нешто што нема шанси да не предизвика емоции, па оттука и да не влијае на преговорите.
„Се надевам дека тоа нема да има драматичен ефект“ вели тој.
Смета дека „прашањето со Република Северна Македонија не е ситуација поврзана со партијата ПП, туку со целата бугарска држава и народ, а Бугарија долго време не го поставувала тоа прашање“.
„Подолго време молчевме за ова прашање со Република Северна Македонија. За разлика од Грција која 20 години викаше дека имаат проблем, а ние велевме дека нема проблем и во последен момент кажавме дека сепак има проблем“ – рече Василев.