Земјотрес со 4,1 степен по Рихтер регистриран кај Улцињ

Земјотрес со јачина од 4,1 степен според Рихтер е регистриран денеска во 6.16 часот на 5 километри југоисточно од Улцињ, соопшти Секторот за сеизмологија во Црна Гора.

Според податоците земјотресот бил на длабочина од 12 километри, а се почувствувал во Албанија и во делови од Македонија.

Од Институтот за хидрометеорологија и сеизмологија соопштија дека ваков земјотрес можел да предизвика само мала материјална штета во епицентралното подрачје и засега нема информации за можни штети од земјотресот.

Земјотрес со јачина од 3,1 степени според Рихтеровата скала во саботата вечерта ја погоди областа Какањ во Босна и Херцеговина, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар.

Вчера земјотрес со јачина од 3,5 степени според Рихтеровата скала беше регистриран и во Јадранското Море кај албанскиот брег, недалеку од вториот по големина град во Албанија, Драч. Епицентарот бил на само 2 километри од Драч и 30 километри од Тирана.