Посетата на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на Србија е откажана, пренесоа српските медиуми.
Причината како што се наведува е откако соседните земји соопштија дека го затвораат својот воздушен простор за неговиот авион, изјавил висок функционер од руското Министерство за надворешни работи за руските медиуми.
Српската радио-телевизија синоќа објави дека посетата на шефот на руската дипломатија на Белград е неизвесна, а премиерката Ана Брнабиќ за ТВ Пинк рече дека ситуацијата во врска со посетата е „исклучително комплицирана“.
Британските медиуми наведуваат дека изворот од руското МНР потврдил дека Бугарија, Северна Македонија и Црна Гора го затвориле својот воздушен простор за авионот кој денеска Лавров требаше да допатува во Белград.
-Нашата дипломатија се уште не ја совладала телепортацијата, изјави изворот од руското МНР.
Руското Министерство за надворешни работи засега не се појави со официјален коментар, а за денеска е најавена изјава на шефот на дипломатијата.