На Швајцарија ѝ се заканува недостиг од струја

Снабдувањето со струја во Швајцарија ќе биде неизвесно во зима.

Не може да се исклучат проблемите со обезбедување доволно електрична енергија, објави федералната комисија за електрична енергија Елком на својата годишна конференција.

Производството на струја од швајцарските нуклеарни централи би можело да биде помало во текот на зимата, но уште поважно е што соседите на оваа земја, пред се Франција, би можеле да извезуваат помалку струја од вообичаеното.

Поради очекуваното намалување на производството во француските нуклеарни централи и намалениот извоз во Швајцарија, увозот на електрична енергија од Франција оваа година би можел да биде многу помал од претходните години.

Затоа Швајцарија би морала да се потпре на увозот на електрична енергија од другите соседи, Германија, Италија, Австрија, но овие земји добар дел од електричната енергија ја произведуваат користејќи фосилни горива, пред се природен гас.

Се очекува цената на струјата за домаќинствата во Швајцарија да порасне за 20 отсто.

Швајцарија, како и остатокот од Европа, се подготвува за скок на цената на струјата во текот на зимата, бидејќи ЕУ, чиј член не е Швајцарија, се обидува да ја намали зависноста од рускиот гас. Русија од своја страна веќе ја прекина испораката на гас за Полска, Бугарија, Финска, Холандија и клиентите во Данска и Германија кои одбија да платат за гас во рубљи, потсетува порталот Oilprice.