Владејачката ДУИ денеска ја одбележа 20-годишнината од формирањето на партијата. Претседателот на ДУИ – Али Ахмети во говорот направи елаборат на партијата од основањето па се до ден денес.
„Како денес, пред 20 години се соединија ослободители и слободољубиви, идеалисти и мисионери, миротворци и мирољубиви, интелектуалци и патриоти, се собраа да го основаат нашето заедничко семејство со здрави и стабилни темели, Демократската унија за интеграција. На нашите две децении (постоење) вчера и завчера им се радуваа десетици илјади граѓани на плоштадите во Скопје и Тетово, со силни и издржани причини, затоа што имаат за што да се радуваат и слават. Сите заедно им се радуваат на: МИРОТ, помирувањето, спроведувањето на Охридскиот договор, еднаквоста и правдата, консензуалната демократија, внатрешната, регионална и евро-американска интеграција, како и иднината, зелената агенда“ – рече Ахмети.
Нагласи дека по мирот и помирувањето, работеле за еднакавост „која дојде преку националните симболи, службениот јазик, правичната и соодветна застапеност, територијалната поделба…
Ахмети посочи дека интеграцијата во земјата наметнала и регионална интеграција преку нивната политика на нула отворени спорови со соседите и поставувањето на црвени линии – Охридскиот Договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство.
„Од овие црвени линии враќање назад нема и кој сака да биде партнер со нас, мора да ги почитува овие принципи. Овде сакам да го поздравам и признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква, со која затвори уште еден важен спор за нашата земја. Денес сме членка на НАТО и имаме зелено светло за членство во Европската унија. Затоа, во пресрет на отворањето на преговорите за членство во ЕУ, изборите не се решение и бојкотите го попречуваат ова патување“ – нагласи Ахмети.
Тој се осврна и на преговорите со Бугарија.
„Мора да работиме на позитивен епилог со нашиот сосед Бугарија за нашиот билатерален спор и да ги стесниме просториите за дејствување на злонамерни агенди во земјата и регионот, кои не се совпаѓаат со нашите западни дефиниции. Итното затворање на овој спор ќе биде од корист за бугарската заедница во нашата земја, регионот и Европа, но секогаш без да се загрози националниот и јазичниот идентитет на моите сограѓани. Европа не може биде целосно спокојна без Западен Балкан и тоа треба да биде приоритет на Европската унија колку што е и наш приоритет“ порача Ахмети.