
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче најави денес дека како партија формирале свој антикорупциски тим и дека ќе побараат помош од италијанските институции што се справуваа со „Коза ностра“со порака дека, ако можеле да се справат со нив, ние ќе можеме да се справиме со мафијата на ВМНРО-ДПМНЕ во нашата држава.
Филипче откри дека антикорупцискиот тим е составен главно од млади активисти и истражувачи.
„Овој тим ќе ги обработува скандалите што ги гледаме секојдневно. Ќе анализира документи, ќе поднесуваме пријави до национални и меѓународни институции“, додаде тој. Најави и онлајн платформа каде граѓаните ќе може да пријавуваат сомнежи за корупција.
Во пресрет на нови политички тензии Филипче најави дека утре ќе биде обелоденет нов скандал кој, како што рече, ги инволвира „членови на владејачката структура“. Според него, опозицијата располага со документи за сериозни злоупотреби.
„Ние ги спремивме новите бомби, 2.0. Утре следува нов скандал. За сè имаме документација“, изјави Филипче, алудирајќи на нов бран политички снимки и докази.
Филипче со остра реторика ја повика европската главна обвинителка Лаура Ковеши да ја посети Македонија и да се запознае со, како што тврдеше, малверзациите што ги прави власта со европските фондови, особено со ИПАРД програмата.
„СДСМ ја повикува Лаура Ковеши лично да се увери во злоупотребите на ВМРО-ДПМНЕ со европските фондови. Овде се загрозени 130 милиони евра. Наместо одговорност по апсењето на нивниот директор за Финансиска поддршка, гледаме само спинови и префрлање вина врз опозицијата“, рече Филипче.
Тој нагласи дека според нивните сознанија, злоупотребите ги вршеле лица блиски до премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Очекуваме со ангажман на Ковеши овој скандал конечно да се расчисти. Македонија не е темен вилает на ВМРО-ДПМНЕ каде може да се игра со европската иднина и парите на граѓаните“, посочи Филипче.