Генчовска ја продолжува посетата на Скопје

Министерката за надворешни работи на Бугарија – Теодора Генчовска денеска ја продолжува работната посета на земјава. Таа во Скопје е на покана на македонскиот министер за надворешни работи – Бујар Османи, а е во функција на дијалогот меѓу двете министерства за адресирање на отворените билатерални прашања, согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, и прашањата за евроинтеграцијата на С. Македонија.

Вчера, на првиот ден од посетата, во фокусот беше опожарениот Центар за култура „Иван Михајлов“ во Битола.

Осуди за палењето на Центарот стигнаа и од македонска и од бугарска страна. Сите нагласија дека се работи за вандалски чин и порачаа побрзо да се најдат сторителите.

Османи и Генчовска заеднички остро го осудија инцидентот во Битола и најавија дека двете министерства ќе продолжат да наоѓаат заемно прифатливи решенија и да ги унапредуваат билатерталните односи помеѓу двете земји.

Разговорите, како што истакнаа од МНР, дополнително ќе се интензивираат во периодот кој претстои„ во насока на изнаоѓање заемни решенија за остварување на споделената цел за унапредување на европската иднина на С. Македонија.

Што се однесува за опожарувањето на објектот каде што е сместен КЦ „Иван Михајлов“ во Битола, дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола, заедно со екипи на СВР Битола вчера извршија увид на објектот.

Според првичните наоди од увидот,  опожарен е влезниот дел од објектот, подигнати се траги од местото за кои јавниот обвинител издал наредба за вештачење.