„Еуроклир“ предупредува на опасности доколку запленетите руски средства се позајмат на Украина

Белгиската финансиска институција „Еуроклир“ испрати писмо до институциите на ЕУ во кое предупредува на опасностите доколку запленетите руски средства се позајмат на Украина, објавија локалните медиуми.

Белгиската финансиска институција „Еуроклир“ испрати писмо до институциите на ЕУ во кое предупредува на опасностите доколку запленетите руски средства се позајмат на Украина, објавија локалните медиуми.

Според „Еуроклир“, таков чекор би се сметал за запленување, што би довело до сериозни политички и економски последици. Во писмото се додава дека таквата акција би била спротивна на владеењето на правото и би ја поткопала довербата на меѓународните инвеститори како што се суверените фондови за богатство и централните банки. Предупредува дека ова би можело да ги наведе централните банки да избегнуваат инвестирање во Европа поради ранливоста на ваквите инвестиции. Можно е поради губењето на довербата на пазарите, земјите од ЕУ да имаат тешкотии при добивање нови заеми од меѓународните пазари и да плаќаат повисоки каматни стапки, додаде „Еуроклир“.

Медиумите забележуваат дека ова е најјасното предупредување досега во врска со предлогот на Европската комисија да ѝ позајми на Украина 140 милијарди евра од вкупно 185 милијарди евра средства на Руската централна банка замрзнати во „Еуроклир“. Комисијата предлага Киев да ги врати средствата откако ќе заврши војната и Русија ќе плати надомест за предизвиканата штета.

ЕК вчера изрази подготвеност да предложи законско решение за користење на руските средства и се очекува прашањето да биде разгледано на состанокот на Европскиот совет во декември. Според Комисијата, постојат уште две опции за обезбедување на потребните средства за Украина, но тие би довеле до потреба земјите од ЕУ да повлечат заем од меѓународните пазари и да ја платат каматата.