Буџет за 2026: 855 милиони евра за плати во институции без вработени, но со директори и службени возила

Над 100 амандмани се разгледуваат во собраниската комисија за финансирање и буџет која расправа по Предлог Буџетот за 2026 година.

Над 100 амандмани се разгледуваат во собраниската комисија за финансирање и буџет која расправа по Предлог Буџетот за 2026 година.

Во предложениот буџет за 2026 година, вкупните приходи се проектирани на 374,7 милијарди денари односно 6 милијарди евра, а расходите на 413,9 милијарди денари, односно на 6,7 милијарди евра. Капиталните инвестиции се на ниво од 40,5 милијарди денари или 650 милиони евра. Економскиот раст е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП.

Во Буџетот има повеќе пари за пензии, плати и социјални трансфери, но сето ова ќе мора да се покрие со ново задолжување за да покрие јазот меѓу приходите и расходите. Во Предлог Буџетот за 2026 година планирани се околу 1,9 милијарди евра за пензии, за плати во јавниот сектор 855,3 милиони евра што е покачување за 7% повеќе во однос на оваа година кога беа издвоени 780 милиони евра.

Каде ќе завршат една петтина од парите за плати? Илјадници луѓе се вработени во околу 300 непознати државни органи од вкупно 1.371 институција, која ја формирал кој било орган од јавниот сектор.

За овие институции, агенции, заводи и тела никој не слушнал, а сите функционираат со директори, управни и надзорни одбори, имаат на располагање службени возила и солиден годишен буџет. Во официјалниот регистар се наведени вкупно 14 институции, кои во 2023 година немале ниту едно вработено лице, но имале директори.

Освен Национална агенција за нуклеарни технологии која се затвори, постојат Агенција за поддршка на претприемништвото, Агенција за остварување на правата на заедниците (а постои толкаво паралелно Министерство), Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на РСМ, Инспекторат за употреба на јазиците…

Покрај Државен инспекторат за животна средина, во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање има Служба за животна средина и Служба за просторен информативен систем.

Никој не знае од каква корист се агенциите со вработени, кои се бројат на раце, освен за поставување партиски директор, најчесто од помалите коалициски партии за поткусурување.

Според Регистарот на вработените во јавниот сектор, во јавниот сектор активни се 1.371 институција, во кои работен однос имаат засновано 128.879 лица.

Како основачи на институциите во јавниот сектор се владата, која основала 440 субјекти, општините и Градот Скопје имаат формирано 829 институции, Собранието, кое основало 31 институција, и претседателот, кој основал еден субјект.

Најголем број институции се јавни установи, кои се вкупно 932. Од нив, во областа на образованието се 550, во областа на здравството 110, во областа на културата 128, во областа на труд и социјала 127, во областа на правда (КПУ и ВПУ) 12, во областа на животна средина 4 и од областа на информатичко општество (МАРнет) е една институција.

Вкупниот број на јавни претпријатија е 159, од кои 115 се јавни претпријатија за комунални работи, 8 се јавни претпријатија за земјоделство и шумарство, 17 се транспортни јавни претпријатија, 2 јавни претпријатија од дејноста информирање, 1 јавно претпријатие од дејноста информатичко општество и 15 јавни претпријатија од други дејности од јавен интерес (спорт, урбанистичко планирање, енергија, третман на бездомни животни и други).

Во Регистарот на Министерството за информатичко општество и администрација се наведени вкупно 14 институции, кои во 2023 година немале ниту едно вработено лице, но имале директори.

Постојат 160 институции до 10 вработени, до 50 вработени се 505 институции, до 100 вработени имаат 401 институција, до 500 вработени се 47 институции, а 25 институции имаат над 500 вработени.

Разгледувајќи ги Регистарот и буџетот за 2024 година, може да се види дека за сите институции има посебни ставки за исплата на пари за тековното работење.

Меѓу нив се и Регулаторната комисија за домување со двајца вработени, која има буџет од 200.000 евра, Државниот девизен инспекторат со 8 вработени и буџет од 150.000 евра, Државниот инспекторат за локална самоуправа и буџет од 130.000 евра, Управата за електронско здравство со 9 вработени и реализиран буџет од 19 милиони денари, Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи со 4 вработени и буџет за 2024 од 11,5 милиони денари, Агенцијата за поддршка на претприемништвото со 12 вработени и реализиран буџет од 81 милион денари, Дирекцијата за радијациона сигурност со осум вработени и реализација од над 15 милиони денари или околу 250.000 евра…

За финансирање на дефицитот, планирано е ново задолжување од околу 1,96 милијарди евра, со можност за нова еврообврзница и кредити од меѓународни институции и домашни извори. Тоа значи дека 2026 ќе мине под силно фискално ограничување: повеќе пари за граѓаните денес – против повисок товар на долгот утре.

Расправата по Предлог-буџетот во Комисијата за финансирање и буџет трае 10 дена, по што како Дополнет предлог се испраќа на разгледување и усвојување на пленарна седница на Собранието. Буџетот за 2025 година треба да биде изгласан до 31 декември.

Преземено од Фокус