Нема веќе евтини нарачки од Тему: Сите пратки од странство ќе подлежат на ДДВ

„Основната причина за изменување и дополнување на законот за данокот на додадена вредност е создавање на појасна правна рамка, спречување на злоупотреби, пофер услови за работење, а притоа се задржува можноста граѓаните да примаат лични пратки од странство до 22 евра без плаќање на ДДВ, што од социјален аспект е мошне значајно“, изјави заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски.

Ерата на евтини онлајн нарачки од странство полека станува минато. Предлог-измените на Законот за данок на додадена вредност (ДДВ), со кои се укинува ослободувањето од данок за пратките со вредност до 22 евра, ја поминаа првата фаза на разгледување во собраниските комисии.

Овој чекор значи дека предлогот на Владата е чекор поблиску до конечно усвојување на пленарна седница, што се очекува да се случи наскоро.

„Основната причина за изменување и дополнување на законот за данокот на додадена вредност е создавање на појасна правна рамка, спречување на злоупотреби, пофер услови за работење, а притоа се задржува можноста граѓаните да примаат лични пратки од странство до 22 евра без плаќање на ДДВ, што од социјален аспект е мошне значајно“, изјави заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски.

Досегашната пракса овозможуваше граѓаните да нарачуваат производи од популарните онлајн платформи како Тему, Али Експрес или Шеин без да плаќаат ДДВ, доколку вредноста на пратката е под 22 евра.

Со новите измени, ова ослободување се укинува целосно. Тоа значи дека за секоја комерцијална пратка, без разлика дали чини 5, 15 или 20 евра, ќе се пресметува стандардната стапка на ДДВ од 18%.

Единствен исклучок од ова правило ќе бидат мали пратки од некомерцијална вредност, односно пратки испратени од едно физичко лице на друго физичко лице (како подарок), чија вредност не надминува 22 евра. Исклучокот нема да важи за алкохол, парфеми и тутунски производи.

Ова значи дека, на пример, ако граѓанин нарача производ од 10 евра преку онлајн платформа, ќе мора да плати дополнителни 18% данок, што во пракса ќе ја зголеми конечната цена.

Владата и Министерството за финансии ја образложуваат оваа промена со неколку клучни причини:

Усогласување со европското законодавство: Европската Унија го укина прагот од 22 евра уште во 2021 година, а Македонија се приклучува на истиот модел како дел од процесот на хармонизација со европските даночни правила.

Заштита на домашната економија: Домашните трговци беа во нелојална конкурентска позиција, бидејќи тие мораа да наплатуваат ДДВ на своите производи, додека странските продавачи преку онлајн платформи беа ослободени од оваа обврска.

Спречување на злоупотреби и сива економија: Се смета дека дел од граѓаните и компании го користеле постоечкиот систем за увоз на стоки без данок, кои потоа се препродавале нелегално на домашниот пазар.