Сирија се приклучува на коалицијата предводена од САД против Исламска држава

Министерот за информации Хамза ал-Мустафа напиша на X дека Сирија потпишала договор за политичка соработка со меѓународната коалиција, „потврдувајќи ја нејзината улога како партнер во борбата против тероризмот и поддршката на регионалната стабилност“.

Сирија вчера се приклучи на коалицијата предводена од САД против екстремистичката милиција Исламска држава.

Министерот за информации Хамза ал-Мустафа напиша на X дека Сирија потпишала договор за политичка соработка со меѓународната коалиција, „потврдувајќи ја нејзината улога како партнер во борбата против тероризмот и поддршката на регионалната стабилност“.

„Договорот е политички и досега не содржи воени компоненти“, додаде министерот, пренесе ДПА.

Објавата дојде откако привремениот претседател Ахмед ал-Шара вчера се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп, со што стана првиот сириски шеф на држава што ја посети Белата куќа од независноста на земјата во 1946 година.

Исламска држава, која повикуваше на фундаменталистичка верзија на исламско владеење, понекогаш контролираше околу 40 отсто од Ирак и околу една третина од соседна Сирија. Воениот сојуз предводен од САД во 2014 година ја започна борбата против групата, која сега се смета за воено поразена, потсетува германската агенција.

Меѓутоа, таа не е целосно исчезната. Според Централната команда на САД, во двете земји моментално има околу 2.500 борци кои продолжуваат да извршуваат напади.