Израелскиот Кнесет го усвои во прво читање законот за смртна казна за терористи

Критичарите наведуваат, пренесува германската агенција, дека ваквата формулација, во пракса, ќе се применува речиси исклучиво на арапските сторители кои убиваат Евреи, а не на еврејските екстремисти кои вршат напади врз Палестинците.

Контроверзниот закон за воведување смртна казна за терористи ја помина првата пречка во израелскиот парламент, Кнесетот, јави ДПА.

Законот поддржан од владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, беше одобрен во прво читање, објави доцна синоќа „Тајмс оф Израел“.

За да стане закон, предлогот мора да помине уште две читања во израелскиот Парламент.

Според нацрт-текстот, смртната казна ќе се применува на лица кои убиваат Израелци од „расистички“ мотиви и „со цел да ѝ наштетат на Државата Израел и на преродбата на еврејскиот народ во неговата земја“.

Критичарите наведуваат, пренесува германската агенција, дека ваквата формулација, во пракса, ќе се применува речиси исклучиво на арапските сторители кои убиваат Евреи, а не на еврејските екстремисти кои вршат напади врз Палестинците.

Во минатото сличните обиди за воведување смртна казна за терористи немаа успех кај законодавците.

Израел ја укина смртната казна за убиство во 1954 година, иако законодавството продолжи да ја дозволува во специфични околности, како што се нацистички воени злосторници или предавство за време на војна.

Егзекуцијата на високо рангираниот нацист Адолф Ајхман во 1962 година беше последената извршена смртна казна изречена од редовен суд во Израел, потсетува ДПА.