Скопје и Софија го потпишаа договорот за тунелот на Деве Баир

Церемонијата се одржа на железничката станица во Ѓуешево. Документот го потпишаа министрите за транспорт, Александар Николоски и Гроздан Караџов.

Македонија и Бугарија денеска фрлија малку светло во меѓусебните односи оптоварени со голема недоверба и го потпишаа договорот изградбата на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8 на Деве Баир. Церемонијата на која потписите ги ставија двајца вицепремиери и остовремено министри за транспорт, Александар Николоски и Гроздан Караџов, се случи на железничката станица Ѓуешево. Зградата на железничката станица беше освежена и бојадисана за настанот кој е политички најзначаен во последниве три години.

На потпишувањето на договорот присуствуваа претставници на Европската комисија, НАТО, САД, Европската инвестициска банка,  Европската банка за обнова и развој и на Светска банка. На церемонијата присуствуваше и амбасадорката на САД Анџела Агелер.

Бугарскиот министер Караџов на седницата на владата на 3 октомври (кога беше одобрен договорот) рече дека документот ќе биде потпишан на англиски јазик на барање на владата во Скопје.

Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри, 1.189 метри на македонска територија, а 1.193 метри  на бугарска.

„Договорот е сон на генерациите од двете страни на границата, нешто за што сме читале, за што се учело додека сме биле деца дека двете држави, двата главни града и Софија и Скопје треба да се поврзат со железничка врска“, рече вицепремиерот Николоски на церемонијата во Ѓуешево.

Николоски на прес-конференцијата го одбегна одговорот на прашањето на мугарскиот медиум „Бгнес“ дали уште е гневен на Гугарите и дали „сè уште ги сметате бугарските домаќини за нецивилизирани, бедни луѓе?“. Тоа е поранешна изјава на Александар Николоски за бугарските политичари дадена лани во септември кога македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова беше пречекана од бугарскиот претседател Румен Радев без македонското знаме. Николоски тогаш бугарските политичари ги нарече „нецивилизирани домаќини“.

Николоски денеска одговори:

„И минатата и оваа година разговаравме за инженерски, а не за политички проблеми на проектот. Она што вие и вашите колеги сакавте да го направите политички проблем, за среќа не успеавте и затоа сме тука денес. Мислам дека доволно одговорив“.

Караџов посочи дека овој ден е исклучително важен и оти се исполнува сон на многу генерации. „Отвораме, возобновуваме железница стара повеќе од 100 години. Нам ни падна честа со Николоски да го реализираме овој проект“, изјави Караџов.

Пругата Скопје-Софија, чија изградба е почната во 1994 година, се гради во три фази, а проценките на надлежните институции се дека со неа ќе се зголеми товарниот превоз за над 30 проценти, а патничкиот сообраќај за 20–25 проценти во првите години по изградбата. Завршена е изградбата и реконструкцијата на првата делница Куманово – Бељаковце во должина 30,8 километри (40,5 милиони евра). Во тек е изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце – Крива Паланка во должина од 34 километри и вредност од над 155 милиони евра, каде прогресот на работите е 35 проценти, а рокот за завршување е крајот на 2026 година. За третата делница од Крива Паланка до границата со  Бугарија, која во продолжение ќе го опфати и тунелското решение, според најавите, следниот месец ќе се распише повикот за избор на изведувач. За изградбата на третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, во должина од 23,4 километри со планирани 22 тунели, од кои и меѓуграничниот, како и 52 моста.

На западното крило на железничкиот Коридор 8, предвидена е изградба на пруга од Кичево до Лин, за што подготвен е и проект. Владата неодамна најави и проект за реконструкција на линијата Скопје -Јегуновце-Тетово-Гостивар-Кичево во должина од 103 километри. Добиен е грант од ЕУ од 5,3 милиони евра за изработка на еколошка студија, физибилити студија и подготовка на тендерска докумeнтaција. Се очекува за две години да се избере изведувач. (Независен)