ЕК: Владата доби „нула“ оценка за прогресот во судството

Целокупната независност и финансиска автономност на судството се поткопани од мешањето и притисокот на други државни органи, оценува Брисел.

Светлата точка во претходните извештаи на Европската комисија, Државната комисија за справување со корупцијата (ДКСК), годинава исто така се најде на темната страна на (не)постигнувањата на Македонија. Според извештајот што го објави Европската комисија, обвинението против претседателката на ДКСК го довело под прашалник кредибилитетот на институцијата, која покрај тоа треба (бидејќи очигледно не го прави тоа) проактивно да дава насоки за спречување на корупцијата, да открива и да пријавува случаи и да ја зголеми својата ефикасност во контролирањето на финансиските извештаи во изборните кампањи.

Ваквата оценка е дополнение на констатацијата дека околу корупцијата ништо не се менува во државата, односно дека таа „останува широко распространета“ во многу области , а трагедијата во Кочани од 16 март открила „системски предизвици околу спроведувањето на антикорупциските мерки“.

Најниска оценка Македонија сепак доби за судскиот систем, каде што стои дека воопшто „нема напредок“ во обезбедувањето европски стандарди во оваа област. Попрецизно, ЕК оценува дека целокупната независност и финансиска автономност на судството се поткопани со мешањето и притисокот од други државни органи , вклучувајќи ги и обидите на Парламентот да изврши притисок врз членовите на Судскиот совет да поднесат оставки, покрај ограничувањето на финансиските средства.

Како проблем се наведува и недостатокот персонал во судството, така што препораките од Европската комисија од лани остануваат исти – да се донесе нов Закон за граѓанска постапка, нов Кривичен закон, да се зајакне Судскиот совет со спроведување на стратегијата за реформи и препораките на Оценската комисија на ЕУ, како и да се обезбеди автоматизираниот информациски систем за управување со судски предмети да биде целосно функционален и компатибилен со нивото на сложеност на судските предмети и методот на оценување на судиите.

Се оценува исто така дека случаите на корупција на високо ниво и натаму често доживуваат одложувања, застаруваат или резултираат со минимални казни, што го зајакнува скептицизмот околу ефикасноста на борбата против корупцијата. Затоа ЕК повторно бара, покрај носење на новиот Кривичен закон, да се подобри увидот во случаите за корупција, да се зголеми човечкиот и финансиски капацитет на обвинителствата да ја гонат, а ДКСК да ја подобри проверката на анкетните листови на функционерите и финансиските извештаи на партиите.

За условите во затворите ЕК смета дека се „застрашувачки“ и бара привремено сместување на затвореници во други објекти, а околу државното рекламирање дека покренува „загриженост за можна злоупотреба на политичките средства и нарушување на пазарот“. Генерално се бара да се обезбеди транспарентност на сопственичката структура на медиумите, законската рамка за нив да се усогласи со таа на ЕУ и да се судат тие што вршат напади врз новинари.

Иако власта смета дека ставила крај на лошата практика на СДСМ да носи закони по скратена постапка, истата оценка стои и сега во извештајот на ЕК – дека Собранието треба да ја ограничи употребата на ваквите процедури. Се бара исто така Собранието да го забрза усвојувањето на потребните реформи за евроинтеграцијата, со оценка дека поларизацијата во оваа институција и натаму влијае на работата, и покрај новиот Деловник.

ЕК забележува одново дека измените на изборното законодавство не се транспарентни и дека не се исполнети преостанатите препораки од ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија.

Во врска со спорот со Бугарија, во извештајот стои дека постојните билатерални договори со Грција и со Бугарија треба да се спроведуваат со добра волја „од сите страни“, со следното дополнување:

„Не беа направени обиди за усвојување на релевантните уставни измени наведени во Заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година, кои земјата се обврза да ги започне и постигне, со цел да се обезбеди дека Уставот ги опфаќа граѓаните кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како што се Бугарите. Потребни се трајни и решителни чекори за да се забрза спроведувањето на сите реформи поврзани со ЕУ надвор од оние од Реформската агенда и за да се продолжи напред во процесот на преговори за пристапување во ЕУ“.

Светла точка во политичкиот дел на извештајот е усогласеноста со надворешната политика на ЕУ, и покрај излетите на Владата околу гласањето за Украина, при што стои дека Македонија испратила „силен сигнал“ за својот стратегиски избор за пристапување во ЕУ и се покажала како сигурен партнер.