(ВИДЕО) Проф. Шишовски: Во системот на безвредности луѓето се борат за гол живот преку лојалност

➡За мене е проблематично што се тргува со луѓето како да се некаква стока што треба да се разменува за некакви кредити и во таа смисла е многу проблематично. И конечно, проблемот на масовната имиграција е проблем на западните земји коишто самите си го направија и сега сакаат да го решат и да го претурат кај другите земји. Ние ниту сме избрале миграција, ниту пак имаме капацитет. ➡За жал, ние 30 години не успеавме да изградиме соодветно владеење на правото. И кога имате систем на безвредности, значи систем во кој правилата важат само за послабите, а за оние што се поврзани не важат правилата, тогаш имаме систем на нееднаквост и тогаш луѓето се ставени во некаква примарна состојба, во состојба на борба за голиот живот. Тоа создава еден систем на клиентелизам и на антидемократски вредности. ➡Кога гледаме општество на силен лидер којшто удира на маса Путин во Русија, Ердоган во Турција, Ши во Кина, тоа е израз дека општеството е слабо, дека институциите не функционираат. Така што ова не е уникатен проблем за нас, ова е сеопшта човечка состојба. ➡Секој пат кога ќе му пресечеме некому пат на улица, кога ќе се пикнеме „само да прашам“ преку ред ние го кршиме системот. ➡Кога ги гледаме историите на градовите после Втората светска војна, на пример Лондон и Берлин, тие биле фавели посебно на почетокот на индустријализацијата. Скоро во ниеден случај не гледаме спасител којшто доаѓа и ги решава сите проблеми. Секогаш гледаме будење, јавна свест, граѓаните се будат и почнуваат да се бунтуваат. ➡Врз основа на своето право на град, граѓаните имаат право да влезат во институциите и да бараат подобар урбанистички план, вели професор Шишовски.

„Имиграцијата е многу горлив проблем во современата политичка сцена, посебно во Западна Европа. Ова е многу комплексен феномен којшто има повеќе нивоа. Од една страна имаме бегалци од војни. Ние имаме искуство – бегалците од војната во Косово, над 300 000 луѓе беа акомодирани, беа згрижени, потоа беа вратени назад. Бегалци од војната во Босна, сега имаме и мал број од Украина. Тоа е хумана страна којашто на некој начин е привремена. Има и меѓународни организации што помагаат и тн. Имате друг тип на имиграција кога луѓето сакаат да одат некаде. На пример некој сака да живее во Скопје, го сака градот, ги сака луѓето и доброволно доаѓа да живее во Скопје.

-Меѓутоа она што се плашам дека сега се случува, според овие преговори за коишто се збори, е нешто што би го нарекол присилна имиграција. Значи луѓе тргнале, сакале, сакаат да живеат во Лондон или Манчестер и заради политички игри се враќаат и присилно се носат тука да живеат. Така што за нив самите бегалци ова е проблематичен аспект. Од друга страна за мене е проблематично што се тргува со луѓето како да се некаква стока што треба да се разменува за некакви кредити и во таа смисла е многу проблематично. И конечно, проблемот на масовната имиграција е проблем на западните земји коишто самите си го направија и сега сакаат да го решат и да го претурат кај другите земји. Ние ниту сме избрале миграција, ниту пак имаме капацитет. Нашите институции немаат капацитет ниту за нас да обезбедат еден квалитетен живот“, изјави за магазинот „Трилинг“, универзитетскиот професор Јордан Шишовски за тоа како гледа на повремените најави за можно отворање на бегалски кампови, имајќи предвид дека Македонија на неколку наврати има искуство со прием на азиланти.

Фото: Трилинг / проф. Јордан Шишовски

Говорејќи за Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија и дели е можен договор по принципот – ние вам кредити, а вие на нас центри за прием на азиланти, Шишовски вели дека не ги знае деталите и за жал нема јавна дебата за тоа.

„Нема одговор од страна на властите, немаме одговор ниту од британска страна, но гледаме редица на слични договори коишто се случија – Италија започна со Албанија. Ја направија оваа шема со што западните земји коишто самите повлекоа огромен број на масовна имиграција сега имаат вишок на миграција, имаат социјални проблеми, политички проблеми и сакаат да го решат тој проблем на начин и на штета на самите мигранти и на третите земји како нас“, вели Шишовски.

Прашан зошто расте влијанието на десницата и се суспендираат либералните политички сили, проф. Шишовски вели дека постојат повеќе причини, повеќе катализатори.

„Од една страна, еве започнавме со бегалската криза, со проблемот на масовната имиграција која што не беше соодветно планиран како процес, едноставно вратите беа широко отворени и сега има негативен аспект, имаме затворање на вратите. Постојат и други елементи. Тука главен катализатор се социјалните медиуми коишто ги нагласуваат екстремните емоции, радикалниот говор, екстремниот говор со што се зајакнуваат сите екстремни движења и од екстремната левица и од екстремната десница. Меѓутоа има и други елементи. Денеска живееме во еден свет на ривалство помеѓу т.н големи сили, каде што послабите сили се обидуваат на некој начин да ја подријат Европа преку создавање на мигрантска криза. Неодамна излезе студија дека руската парамилиција „Вагнер“ создавала цели мрежи на нелегална трговија со мигранти, создавајќи и продлабочувајќи ја мигрантската криза, а од друга страна ги имаме социјалните медиуми каде преку ботови се разгорува омразата кон истите тие мигранти. Во Украина неодамна во еден подрум најдоа 150 000 СИМ картички. Така што нареден пат кога се расправате со некого на социјалните мрежи, најверојатно се расправате со некој бот“, вели Шишовски.

Запрашан зошто доминира политичката лојалност и клиентелизмот наместо систем на нови демократски стандарди, Шишовски вели дека ние е наоѓаме во систем на нестабилност.

„За жал, ние 30 години не успеавме да изградиме соодветно владеење на правото. И кога имате систем на безвредности, значи систем во кој правилата важат само за послабите, а за оние што се поврзани не важат правилата, тогаш имаме систем на нееднаквост и тогаш луѓето се ставени во некаква примарна состојба, во состојба на борба за голиот живот, во којашто тие се борат да дојдат до ресурсите или да си ги задржат ресурсите преку познанства, и за жал преку лојалност кон оној што го обезбедува лебот. Тоа создава еден систем на клиентелизам и на антидемократски вредности“, смета Шишовски.

Фото: Трилинг / проф. Јордан Шишовски

Прашан дали на сцена се авторитарни лидери, професорот вели дека цели овие 30 години и општества каде што нема стабилни институции има појавување на силни лидери.

„Кога гледаме општество на силен лидер којшто удира на маса Путин во Русија, Ердоган во Турција, Ши во Кина, тоа е израз дека општеството е слабо, дека институциите не функционираат. САД се повторно во криза. Криза којашто е културна и социјални и повторно кај нив гледаме силен лидер којшто удира на маса. Така што ова не е уникатен проблем за нас, ова е сеопшта човечка состојба“, додава Шишовски.

Говорејќи за тоа дали на политичарите во преден план им е иднината и интересот на државата и граѓаните или личниот интерес, професорот Шишовски вели дека за жал овој систем за кој што зборуваме е системски.

„Значи не станува збор дека политичарите се некои странци. Ние не робуваме некому од надвор. Политичарите се нашите соседи, комшии, и не станува само збор за политичари. Станува збор за директори во јавни институции, за вработени во јавни институции. Тоа се наши соседи, комшии, пријатели. Сите учествуваме во јавниот живот. Секој пат кога ќе му пресечеме некому пат на улица, кога ќе се пикнеме „само да прашам“ преку ред ние го кршиме системот. Значи системот не е нешто што е далеку, што е од другата страна, ние сме самите системот. Ако ние не се почитуваме едни со други, ако ние не работиме дослојно на нашите работни места како добри работници во нашата работа, тогаш системот ќе почне д се распаѓа. Во античката демократија имаме „идиотес“ и „политес“. Идиотес се луѓе коишто се занимаваат со својот интерес на сметка на јавното добро, политес се луѓе што се занимаваат со јавното добро. Во моментот кога ние се обидуваме за еден квадрат да ја зголемиме нашата куќа на сметка на соседот, на сметка на зеленилото, ние спаѓаме во оваа прва категорија на луѓе коишто го рушат системот“, смета Шишовски.

Фото: Трилинг / проф. Јордан Шишовски

Говорејќи за состојбите во Скопје и најверојатно новиот градоначалник, и дали по Данела се ќе биде исто само без на, професор Шишовски вели дека Арсовска како праг за споредба не е многу висок, посебно овие 30 години.

„Не би ја лоцирал одговорноста во една личност, која што секако се покажа како крајно неспособна. Попрво би ја лоцирал одговорноста во цела серија на луѓе коишто имаат амбиција која не оди подалеку од нивниот личен интерес. Данела не го чисти ѓубрето. Постојат директори на јавни претпријатија коишто она ги поставува, директори на културни институции коишто она ги поставува, а чијашто што сама нивна амбиција не оди подалеку од личните интереси и фотелји.

-Ако ги гледаме историите на градовите после Втората светска војна, на пример Лондон и Берлин, тие биле фавели посебно на почетокот на индустријализацијата. Скоро во ниеден случај не гледаме спасител којшто доаѓа и ги решава сите проблеми. Секогаш гледаме будење, јавна свест, граѓаните се будат и почнуваат да се бунтуваат“, вели Шишовски.

Прашан зошто за овие четири години дозволивме главниот град да ни биде во колапс и дали Скопје прерасна во голема депонија, професорот вели дека највидливиот аспект е со ѓубрето за кое се пишува и зборува.

„Но јас би сакал да зборувам за друг аспект на ѓубрето. Ѓубрето не е само она ѓубре што го фрламе, ѓубрето може да биде визуелното ѓубре, рекламите. Излегувате во град и насекаде гледате реклами со вулгарности и се и сешто, светкање и тн. Под ѓубре можеме да говориме и за звучна загаденост, на свирежи, на гласна музика и тн. И под ѓубре може, за жал, еве и како архитект морам да кажам нешто, дека и како архитекти, архитектите создаваат архитектонско ѓубре. Гледаме нови згради кои повеќе личат на затвори отколку на вистински згради. Јас ја нарекувам таа Minecraft архитектура, со неколку квадратчиња, со евтини пластични прозорчиња, исполнети со цевки и кабли од сите страни, негрижа за зеленилото, и тоа е ѓубре. Турбо-фолкот е исто така ѓубре. Така што ова зависи од градските власти, пред сѐ од ГУП-от и ДУП-от, меѓутоа тие не ги прави некој таму, туку самите граѓани. Врз основа на своето право на град имаат право да влезат во институциите и да бараат подобар урбанистички план“, вели професор Шишовски.

Целото интервју погледнете го во видеото.