Независниот синдикат на полицијата на протест – бараат транспарента истрага за нивните колеги осомничени за „Пулс“

Од Независниот синдикат на полицијата, изразија поддршка и за нивните колеги против кои се води дисциплинската постапка по убиството на велешанката Росица Коцева и нејзиниот татко, бидејќи и во тој случај, како што велат, прва на удар била полицијата, иако била поднесена кривична пријава за убиецот.

Под паролата „Први за осуда Последни за почит, Независниот синдикат на полицијата денеска излезе на протест за да изрази револт кон Јавното обвинителство за како што велат, третманот на нивните колеги кои се под истрага за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 млади лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Присутните полициски службеници, како што пренесе ТВ Телма, порачаа дека бараат правда за сите жртви, меѓу кои е и нивниот колега Тоше Тодоровски кој го загуби животот во пожарот, а изразија поддршка на колегите кои ја преживеале трагедијата. Како што наведоа од Независниот полициски синдикат тие не се против истрагата што се води против полициските службеници, туку бараат таа да биде јавна и транспарента.

Во таа насока претседателот на Синдикатот, Мартин Ефремов изјави дека бараат барем еден распит на осомничените полициски службеници да биде јавно објавен за да се види, како што рече, каков однос има Обвинителството кон полицајците.

„Мислам дека апсолутно не е човечки еден обвинител да се обрати на нашите колеги осомничени, за кои не е докажана вина и се смета дека се невини се додека не се докаже вина со зборовите – ‘ако вие бевте невини требаше вие да изгорите во трагедијата во Кочани’. Тоа е нешто што ако полициски службеник го каже на граѓанин, верувајте дека ќе заглави по затвори“, рече Ефремов.

Полициските службеници, присутни на протестот, симболично ги оставија нивните легитимации со цел да укажат, како што рекоа, дека им е смачено да чекаат кој следен од нив ќе биде уапсен.

Тие најавија дека од утре ќе започнат со поднесување кривични пријави против обвинители и судии.

Ефремов додаде дека, исто така, бараат од Обвинителството итно да постапи и да провери зошто Државната комисија за одлучување во управна постапка во втор степен не постапува по приговорите што што ги поднеле како Синдикат за решенијата за мирување на работното место на нивните колеги, за кои, како што рече, не важи начелото за пресумпција на невиност.

„Дел од нив се уште немаат ни обвинение, меѓутоа повеќе од шест месеци се оставени без плата, без придонеси, без никакво право на егзистенција. Можеби подобро ќе беше тие луѓе да ги ставеа во притвор, барем ќе имаше што да јадат и да пијат вака се оставени сами на себе“, кажа Ефремов.

Од Независниот синдикат на полицијата, изразија поддршка и за нивните колеги против кои се води дисциплинската постапка по убиството на велешанката Росица Коцева и нејзиниот татко, бидејќи и во тој случај, како што велат, прва на удар била полицијата, иако била поднесена кривична пријава за убиецот.