„Предвремени избори може да направиме и утре, но што би решиле тие во однос на кризите со кои се соочуваме“.
Ова е оценката на претседателот Стево Пендаровски искажана во „Утрински брифинг“.
Тој се сомнева оти со предвремени избори би имало деблокада на евроинтеграциите или промени во делот на цените на енергија и храна.
„Високите цени на енергенсите, храната и инфлацијата не е само домашен производ. Енергетската криза почна шест-седум месеци пред војната во Украина. На кој начин нова влада тука ќе има влијание на глобалните пазари на животни продукти“ – изјави Пендаровски.
Според Претседателот „конструкцијата на бугарската политичка сцена“ во моментов е таква што отежнува да се постигне договор.
„Перспективата за ЕУ во догледно време за жал е завршена. Шансите се се помали и помали. Не можам да кажам дека се завршени. Не можам да кажам, граѓани од утре одиме на сосема друга стратешка перспектива, бидејќи друга подобра не гледам, но мора да ги менаџираме тие очекувања кои беа нереално високи изминативе година-две“ – изјави претседателот Пендаровски.
Во однос на војната во Украина, Пендаровски рече дека според сите проценки, нема никакви позадински преговори, а најмалку сериозни политички преговори меѓу Русија и Украина.
„Практично двете страни на Атлантикот, денеска ако прашувате, велат дека војната ќе потрае. Разликите меѓу нив се само меѓу тоа дали ќе трае со години или со месеци. Никој не предвидува дека за две-три недели ќе заврши војната“ – изјави тој.