Добрила Кацарска – претседателката на Уставниот суд денеска ќе има работен состанок со државниот врв на кој се очекува да се разговара за проблемите со кои се соочува судот, имајќи предвид дека работи без четворица судии и нема мнозинство за одлучување по одредени иницијативи и предмети.
Кацарска ги покани на средба претседателот на државата – Стево Пендаровски, претседателот на Собранието – Талат Џафери и претседателот на Владата – Димитар Ковачевски.
Уставниот суд во моментов работи без четворица судии на кои им истече мандатот, од предвидени 9 судии.
Во нецелосен состав е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии – Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски.
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, по речиси една година откако Уставниот суд работи со намален број на судии, на 13 мај ја почна процедурата за избор на нови уставни судии.
Предложени се 9 кандидати.
Пратениците од власта ги предложија републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје Фатмир Скендер и Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство.
Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ предложи 6 кандидати: универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.