Францускиот претседател Емануел Макрон е посветен во изнаоѓањето излез од спорот меѓу Македонија и Бугарија. Најавите се дека планира на почетокот од јуни да ги покани бугарскиот премиер Кирил Петков и претседателот Румен Радев во Париз за да разговараат за ова прашање.
Бугарските медиуми ги анализираат тензиите меѓу коалициските партнери поради сомнежите дека Петков може сам да преземе чекори за да ја деблокира Македонија во последен момент.
Бугарски „Капитал“ пишува дека Петков најавил дека ќе бара условите што ги постави Бугарија за решавање на спорот со Македонија, да бидат вклучени во преговарачката рамка со Европската Комисија.
Нешто слично навести и копретседателот на Демократска Бугарија – Христо Иванов.
Професорот Евгени Даинов во интервју за тв21 рече дека бугарскиот премиер и Владата прават сè што е можно да ги поместат работите околу Македонија, но ги стопираат две партии од коалицијата – Има таков народ и БСП. Тој истакна дека во Бугарија, до пред 3 години, 80% од Бугарите сакале Македонија да биде членка на ЕУ. Сега 60% од нив не сакаат.
Копретседателот на Заедничката бугарско-македонска комисија за историски и образовни прашања – Ангел Димитров за „БГНЕС“ вели дека Македонија е државата која е генетски поврзана со Србија и со Русија и не може или не сака да им сврти грб.