Бујар Османи го претстави клучниот проект „Плоштад Лирија“, подземна сообраќајница за решавање на хаосот

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, го претстави еден од најамбициозните инфраструктурни проекти во поновата историја на општината, „Плоштадот Лирија“ и подземната сообраќајница кај Чаирчанка, визија која ќе го деблокира најголемиот сообраќаен проблем во Чаир и ќе создаде современ и функционален градски центар.

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, го претстави еден од најамбициозните инфраструктурни проекти во поновата историја на општината, „Плоштадот Лирија“ и подземната сообраќајница кај Чаирчанка, визија која ќе го деблокира најголемиот сообраќаен проблем во Чаир и ќе создаде современ и функционален градски центар.

„Повеќе од две децении, повеќе од 20 години, Чаир живее со раната на теснецот кај ‘Цветан Димов’, она што го нарекуваме ‘Чаирчанка’, блокираното грло на Чаир. Секој ден, секое утро, секоја вечер, таа ја претвора животната динамика на Чаир во нервоза, стрес, загадување и доцнење“, изјави Османи, објаснувајќи дека токму решавањето на овој хроничен проблем е сржта на неговиот план за урбана трансформација.

Проектот за Плоштадот Лирија и подземната сообраќајница, изработен во соработка со светски познатиот архитект Мишел Ројкинд, предвидува изградба на модерен подвозник што ќе го поврзе просторот од „Чаирчанка“ до „Плоштадот Лирија“, со што целосно ќе се деблокира движењето и ќе се поврзат Серава и Гази Баба.

„Во соработка со неговата агенција, го предложивме единствениот проект што може да го реши и трансформира овој проблем, оваа поделба на маалата, во функционален плоштад и модерен подвозник што ќе му ја врати живоста на Чаир и ќе ги деблокира артериите на општината“, изјави Османи.

Со овој проект, Чаир првпат ќе добие социјален и урбан центар втор по големина по „Плоштадот Скендербег“, кој ќе стане место за рекреација, дружење и безбеден сообраќај. Османи објасни дека проектот обединува три клучни функции во еден мултифункционален комплекс: изградба на подвозник за решавање на хроничниот сообраќаен метеж и загадување, изградба на „Плоштадот Лирија“ како простор за движење, рекреација и социјален живот и изградба на подземен паркинг со 350 места, со што значително ќе се намали проблемот со паркирањето.

„Од преоптоварен сообраќај кој секој ден го загадува воздухот и предизвикува стрес, ќе преминеме во жив простор, со слободно движење и со целосна функционалност на Чаир“, нагласи Османи.

Тој истакна дека проектот ќе има директен ефект врз квалитетот на живот на граѓаните. Денес, за да се помине само еден километар во зоната околу „Чаирчанка“, потребни се 15 минути со просечна брзина од 6 километри на час, придружено со загадување и губење време. Со реализацијата на овој проект, движењето ќе се ослободи, ќе се намали загадувањето, ќе се создадат нови паркинг-места, а тротоарите конечно ќе им се вратат на граѓаните.

„’Плоштадот Лирија’ ќе ја добие функцијата што му припаѓа да биде новото срце на Чаир, местото каде што се спојуваат луѓето, животот и енергијата на градот“, изјави Османи.

Тој додаде дека е свесен за реакциите на граѓаните дека ваквиот проект е премногу амбициозен за да биде вистина, но рече дека таквото размислување ќе се промени.

„Знам дека првата реакција ќе биде: ‘Не може.’ Затоа што повеќе од 20 години ни е инсталиран начин на размислување дека не можеме подобро. И токму тоа сакам да го променам. Храброста е таа што ги решава големите животни и општествени предизвици“, порача Османи.