Брнабиќ: Трпиме огромни притисоци, но ставот на Србија е специфичен и секој треба да го разбере!

Премиерката на Србија – Ана Брнабиќ вели дека земјата трпи огромни притисоци затоа што е единствената земја во Европа која не воведе санкции кон Русија.

„Нашиот став е целосно во согласност со меѓународното право и нашите национални интереси. Не е лесно, но секој ден се бориме да го одржиме“ – изјави Брнабиќ за РТС.

Таа нагласи дека Србија нема да го менува својот став и рече дека се надева оти ставот на Србија е разбран или барем слушнат од партнерите од Русија, Европската Унија, САД и други земји.

„Не можете да се заколнете во неповредливоста на територијалниот интегритет на Украина и во исто време дека овој принцип не важи за Србија. Затоа ставот на Србија е многу специфичен и секој треба да го разбере или барем да го слушне. Плативме највисока цена за такви прекршувања на меѓународното право“ рече српската премиерка.