Мицкоски: Струјата ќе поскапи повеќе од 10%

Христијан Мицкоски – претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција изјави дека од 1. јули граѓаните ќе плаќаат поскапа струја и тоа за над 10%.

„Главната и суштинска работа зошто го споменувам уличното осветлување е вчера лиферуваниот податок дека општините преку уличното осветлување потрошиле 30 милиони денари. Е сега каде се парите? Од истиот тој извештај на Регулаторната комисија за 2021 година можете да забележите дека во 2021 година се произведени од страна на ЕЛЕМ 3,17 тераватчасови електрична енергија, а само две две години претходно во 2019 година 4,25 тераватчасови електрична енергија. Што значи ЕЛЕМ наместо да произведува односно на тие што го водат приоритет им се договори во четири очи“ – рече Мицкоски.

На прес-конференција тој информираше дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ идната недела ќе поднесе интерпелација за претседателот на Собранието – Талат Џафери.

„Се надевам дека нема  повторно да ги изигруваат процедурите во Парламентот и ќе ја стават точката на дневен ред и ќе можеме да зборуваме малку поотворено за тоа што се случуваше тој ден кога беа брутално навредени вработените во Парламентот. Немаме илузија дека таа ќе помине бидејќи таму има 61 послушник на власта кои заради свои лични привилегии ќе го бранат  Џафери, но добро е да се види како се препелка СДСМ и помалите коалициски партнери кои се уште не гукнаа за законот за една изборна единица, а еве веќе е мај“ – рече Мицкоски.

За протестот на опозицијата кој е најавен за 18. јуни тој очекува политичка и општествена поддршка од сите оние кои, како што рече, мислат дека оваа влада на СДСМ и ДУИ ја води државата во погрешна насока.

За притворот на обвинетите за случајот „Парцели за ЕВН“ во Делчево кои се функционери на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски одговори дека прво бара извинување од СДСМ, а потоа ќе тужи за навреда и дека неговиот адвокатски тим ќе подготви тужба за клевета.

„Тие почнаа да тркалаат дека така се финансирало ВМРО, дека јас сум бил вплеткан итн., но видовме дека тие лица се таму каде што се поради сосема други членови од Кривичниот законик. Верувам во пресумпција на невиност, но исто така секому каде што ќе се докаже вина, родена сестра да ми е, за сторен криминал ќе одговара. Тоа важи за сите оние кои не само што се членови на ВМРО, на СДСМ, ДУИ, Алијанса, било кој, политички определени или политички неопределени… Очекувам истото тоа што е направено за сите овие луѓе, да биде направено за сите оние останати коишто на истиот начин продавале вакво земјиште на ЕВН. Очекувам и Финансиската полиција и Обвинителство да постапат и со останатите 100-200 парцели и останатите продавачи да имаат ист третман. Инаку, во спротивно, третманот ќе се однесува само на поединци, а не генерално“ – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.