
Министерот за здравство Азир Алиу денеска изјави дека е информиран за поплаките на онколошките пациенти дека на Клиника нема тумор маркери.
– Да, имам информации. Во тек сум секој ден со сите директори. Точно е дека процесот административно е прекинат и ќе треба да се реобјави на Онкологија. Ве информирам дека тумор маркери не се прават само на Клиниката за онкологија, туку се прават во сите биохемиски лаборатории низ државата. Знаете дека мојот пристап е децентрализација на здравствените услуги, впрочем и затоа денеска сме тука. Креираме нови инфраструктури за да може граѓаните таму да ги добиваат сите здравствени услуги. Се надевам дека граѓаните ги добиваат на време и има тумор маркери во сите градови низ Македонија. Би било добро таму да ги направат тие анализи и да доаѓаат со резултатите. Тоа би олеснило и за нив, локално да ги процесираат тие анализи бидејќи ги има во лабораториите, додека тука да продолжат со клиничките онколошки процеси, рече Алиу одговорајќи на новинарско прашање во општина Бутел, каде ќе се гради нова поликлиника.
На новинарско прашање дека онколошките пациенти се приморани да одат на приватно за да стигнат до рана дијагноза, Алиу вели дека се свесни дека човечкиот фактор е најбитен и во здравството.
– За жал ситуацијата е таква и затоа правиме напори за да може да вклучиме експерти, доктори кои се наши државјани, но живеат надвор од државата, да може да ги вклучиме и тоа ќе го направиме само преку дигитализација на здравствениот систем кај нас во земјава. Затоа работиме интензивно за да може да имаме систем и сите дигитални форми на здравствено досие за да може секој експерт, кој физички не е во Македонија да пружи такви услуги. За жал во моментов е точно дека заради преоптовареност и голем број на пациенти кои чекаат, за жал времето на чекање за резултати е подолго отколку што би посакал секој граѓанин и министер. Работиме интензивно на тоа. Верувајте дека решение не може да се најде за овој случај одеднаш бидејќи не е купување на инфраструктура, се работи за човечки фактор. За да имате специјалист, потребни се минимум десет години. За жал тоа време го немаме и затоа вториот чекор беше паралелно да се работи со држави со кои лесно може да се договориме за да може да црпиме здравствени услуги од професионална гледна точка, рече Алиу.
Во однос на кардиохируршките операции и пријавите за нови сомнителни случаи, министерот за здравство информира дека завршени се осум предмети, кои првично биле архивирани во ресорното министерство, а има уште пет нови случаи, кои се работат.
– Ве информирав на прес-конференција дека има уште пет нови случаи, кои се работат и информирав дека нема да известиме ништо се додека извештајот не е конечен. Конечен значи дека сите случаи кои се предмет на анализа од стручните лица, од докторите нема да завршат. Тогаш кога тие ќе ценат дека завршиле со сите анализи, клинички и админстративни, тогаш тој конечен извештај ќе биде јавно достапен на веб-страната на министерството, изјави Алиу.
Појасни дека во оваа фаза не се вклучени странски експерти во истрагите, се додека не завршат сите случаи.
-Во оваа фаза само комунициравме и тие не се активни во овој случај. Чекаме да завршат со наодите. Тоа се процеси, сензитивни се, и потоа ќе имаме заеднички состанок, локален експертски тим со меѓународниот експертски тим. Се надевам дека тогаш ќе имаме чист случај како понатаму, кои политики треба да ги имплементираме и веќе се размислува дали треба да се менуваат и дел од законите се со цел да имаме појасно дефинирани протоколи за ваков тип на услуги, рече министерот за здравство.