Мицкоски: До крајот на мандатот сите јавни услуги ќе бидат достапни онлајн

➡ Нашата цел е јасна, потенцира премиерот, а тоа е да станеме центар на дигитални трансформации во регионот, земја што ќе привлекува инвеститори и ќе задржува таленти.

До крајот на мандатот сите јавни услуги ќе бидат достапни онлајн. Секој граѓанин ќе има дигитален идентитет, пристап до сите институции преку мобилен телефон. Ќе создадеме генерации со дигитални вештини, ученици кои ќе бидат конкуретни со своите врсници во Европа, ќе градиме систем на сајбербезбедност што ќе гарантира доверба во дигиталното општество, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, кој се обрати на Дигиталниот самит на Западен Балкан (WBDS) 2025, регионален настан кој ги обединува носителите на дигиталната трансформација од Западен Балкан, ЕУ и пошироко, а кој се одржува во Скопје.

Нашата цел е јасна, потенцира премиерот, а тоа е да станеме центар на дигитални трансформации во регионот, земја што ќе привлекува инвеститори и ќе задржува таленти.

-Но едно да не заборавиме, дигитализацијата не е за машини, таа е за луѓето, таа е за мајката кое сака побрзо да го запише своето дете во градинка, за пензионерот кој сака лесно да ја добие својата пензија, за студентот кој сака пристап до знаење и книги онлајн, за секој граѓанин кој ја чуствува државата како пријател а не како противник. Технологијата треба да служи на човекот а не обратно. Тоа е нашата цел. Нашата визија е држава која ќе биде целосно дигитална, транспарента и ефикасна, рече Мицкоски.

Ја претставивме апликацијата Ем-услуги, таа е симбол на новата дигитална ера, сите документи на еден дигитален паричник, безбедна размена на податоци за рокови и обврски, целосна транспарентност и доверба. Ова е почеток на една дигитална револуција што ќе ја промени државата од корен. Дигитализацијата ќе ја промени Европа од корен, таа е нашата шанса да изградиме поефикасна држава и поправедно општество.

-Иднината им припаѓа на оние што се подготвуваат за неа денес, рече Мицкоски, додавајќи дека со дигитализацијата ќе станеме конкуренти со останатите земји во Европа и со регионот.

Дигитализацијата, според премиерот, е нашиот начин да ја победиме инертноста и да ја претвориме земјата во вистински сервис на граѓаните, а со дигитализацијата ја рушиме нееднаквоста меѓу оние кои имаат пристап и оние кои се оставени на маргините.

– „Информацијата е новата нафта на 21 век,“ велеше Клаус Шваб, основач на Светскиот економски форум. Но, додека нафтата ги создаваше монополите, информацијата може да создаде еднаквост – доколку, се разбира, ја користиме правилно. Дигитализацијата е економска моќ. Таа отвора пазари, носи нови инвестиции и ја зголемува конкурентноста. Со дигитализацијата нашите мали компании добиваат можност да излезат на глобалната сцена, рече Мицкоски.

Потенцира дека денес живееме во време кога дигиталните решенија не се прашање на избор, туку на опстанок и на напредок.

-Западен Балкан не смее да биде заостанат агол на Европа. Нашата иднина е поврзаност, иновации и знаење, рече тој.

Дигитализацијата, интероперабилноста, сајбер безбедноста, поврзување на институциите, како и предизвиците на новото време, од вештачката интелигенција до учеството на бизнис секторот и академската задница се темите на кои денеска ќе разговараат учесниците на Дигиталниот самит на Западен Балкан (WBDS) 2025.