Односите со Република Северна Македонија, биле главна тема на и синоќешниот тричасовен вонреден коалициски совет на партнерите од бугарската Влада, кој што се одржа на барање на премиерот – Кирил Петков.
Лена Бориславова – шефицата на политичкиот кабинет на Петков по завршувањето на Советот, изјави дека коалицијата имала конструктивен дијалог на оваа тема, која, според неа, е исклучително важна за бугарското општество и затоа задолжително ќе помине низ Националното собрание на Бугарија.
Сè уште нема документ прифатлив за двете страни што ќе биде основа за кревање на ветото од страна на Бугарија, изјави вчера премиерот Димитар Ковачевски, нагласувајќи дека почетокот на преговорите со ЕУ не зависи од Владата, туку од решавањето на отворениот спор со Бугарија и одлуката на 27-те членки на ЕУ.
Високи надежи за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија за време на француското претседателство изрази евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир. Тој нагласи дека институциите на ЕУ се цврсто посветени на унапредување на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан и истакна дека исклучително ги ценат напорите што ги направиле сите страни за придвижување на овој процес.
Бугарскиот амбасадор во земјава – Ангел Ангелов, за спорот истакна дека Бугарија сака гаранции од земјава дека Договорот за добрососедство од 2017 година ќе биде почитуван.
Поранешниот претседател на Македонија – Бранко Црвенковски, пак, истакна дека според него, ветото на Бугарија ќе се повтори и на претстојниот јунски самит на ЕУ и порача дека јавноста треба да се подготви, и од страна на власта и од страна на опозицијата, дека блокадата од страна на Софија може да потрае во подолг временски период и дека заради тоа нема да ги почнеме преговорите со Европската Унија.