Во Хрватска блокирани осум тони црвени лути пиперки од Албанија, содржеле пестициди

➡ -Блокирани се осум тони црвени лути пиперки, произведени на подрачјето на Дивјак, кои содржеле пестициди штетни по здравјето на луѓето. Блокираното количество зеленчук ќе биде уништено во Хрватска.

Хрватските власти блокирале повеќе тони зеленчук, увезен од Албанија, откако било утврдено присуство на три забранети земјоделски препарати, објави Топ чанел.

-Блокирани се осум тони црвени лути пиперки, произведени на подрачјето на Дивјак, кои содржеле пестициди штетни по здравјето на луѓето. Блокираното количество зеленчук ќе биде уништено во Хрватска, наведува телевизијата.

Ова не е првпат, зеленчук и овошје произведени во Албанија, да бидат блокирани во Хрватска, поради присуство на забранети пестициди. На почетокот на минатиот месец Хрватска уништи четири тони домати, произведени на земјоделски површини во Берат, откако било утврдено дека биле испрскани со хлорфенапир, со петпати поголемо количество од дозволеното од овој отров против инсекти.

Претходно, Хрватска и Босна и Херцеговина уништија над 10 тони праски произведени во Дивјак, бидејќи во ова овошје е пронајдено високо присуство на тешкиот метал никел. Поради истата причина назад од границата повеќе тони праски вратиле и словенечките власти.

Зеленчук и овошје, произведено во Албанија, редовно завршува на пазарите во соседните земји, но, нивните граѓани, главно оние од пограничните места, го набавуваат непосредно од албанските земјоделци.