
Во Македонија 50 до 60 жени годишно умираат од рак на матка
➡ Деведесет проценти од случаите може да се спречат со вакцинација против ХПВ, вирусот што ги предизвикува повеќето видови на рак на грлото на матката, со добро организирани скрининг прегледи и третман на предканцерозни состојби. Околу 32000 жени се дијагностицираат со рак на грлото на матката во регионот секоја година, а 16000 умираат. Ракот на грлото на матката е причина за голем емоционален, социјален и финансиски товар за жените, нивните семејства и националните здравствени системи, посочуваат од УНФПА.
Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) во соработка со Министерството за здравство на Македонија денеска го организира 5. Годишен форум на Регионалната алијанса за превенција на рак на грлото на матката во Источна Европа и Централна Азија.
Според организаторите, на Регионалниот форум ќе присуствуваат повеќе од 100 претставници од регионот, вклучувајќи претставници од влади, институции за јавно здравје, академскиот сектор, граѓанското општество и приватниот сектор.
Ракот на грлото на матката е втор најсмртоносен рак кај жените во репродуктивна возраст во Источна Европа и Централна Азија.
-Деведесет проценти од случаите може да се спречат со вакцинација против ХПВ, вирусот што ги предизвикува повеќето видови на рак на грлото на матката, со добро организирани скрининг прегледи и третман на предканцерозни состојби. Околу 32000 жени се дијагностицираат со рак на грлото на матката во регионот секоја година, а 16000 умираат. Ракот на грлото на матката е причина за голем емоционален, социјален и финансиски товар за жените, нивните семејства и националните здравствени системи, посочуваат од УНФПА.
Од Фондот за население на Обединетите нации информираат дека во Македонија, 50 до 60 жени умираат, а околу 170 се дијагностицираат секоја година.
Нагласуваат дека значителен напредок во регионот кон елиминирање на ракот на грлото на матката како јавен здравствен проблем е постигнат во последните години со поддршка на Регионалната алијанса. Целта е, како што посочуваат, да се достигнат таргетите поставени од Светската здравствена организација (СЗО) односно 90 проценти од девојчињата да се вакцинираат до 15-годишна возраст, 70 проценти од жените да бидат прегледани и 90 проценти од заболените жени да добијат третман.
– Вакцината против ХПВ е вклучена во националните календари за имунизација во 14 од 17 земји во регионот. Стапките на покриеност со вакцинација се во пораст и веќе ја надминаа целта од 90 проценти во две земји (Туркменистан и Узбекистан). Некои земји ја воведоа вакцината и за девојчињата и за момчињата. Повеќето земји имаат национални упатства за скрининг на рак на грлото на матката (15 од 18 земји и ентитети), посочуваат од УНФПА.