Ѓорѓиевски: Ќе почнеме со пробивање на улицата „Есенинова“ до „Шампионче“, ќе го ослободиме центарот на Скопје од метежот

➡ Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција најави дека по изборите ќе почне со пробивање на улицата „Есенинова“ до „Шампионче“, која се очекува да ги поврзе ул.„Антон Панов“ и бул. „Борис Трајковски“.

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција најави дека по преземањето на власта во Градот Скопје ќе почне со пробивање на улицата „Есенинова“ до „Шампионче“, која се очекува да ги поврзе ул.„Антон Панов“ и бул. „Борис Трајковски“.

-Денеска сме овде во срцето на Кисела Вода кај улицата „Есенинова“ не само да збoруваме за инфраструктура, туку да зборуваме и за иднината за град кој дише кој се движи кој ги поврзува луѓето, а не блокира. За Скопје какво што сите скопјани заслужуваме. Во рамки на втората фаза на проектот на „Есенинова“ веднаш по презамањето на власта во Градот Скопје ќе започнеме со пробивање на улицата од Чешма каде што се наоѓаме во моментов до Шампионче, со што директно ги поврзуваме ул.„Антон Панов“ и бул. „Борис Трајковски“ кој исто така ќе биде довршен до Драчево. Оваа интервенција значи растеретување, побрз пристап, подобра мобилност за сите жители на Општина Кисела Вода. Но ова е само дел од пошироката мрежа на инфраструктурни решенија што ги предвидуваме во Скопје, рече тој.

Тој најави и други инфраструктурни проекти, реконструкции на улици, кои ќе ги реализира по преземањето на власта во Градот Скопје.

-„Бутелска“ ќе се поврзе со бул.„Христијан Тодоровски Карпош“ во близина на обиколницата со цел елиминирање на ризици и гужви. Улицата „Лука Геров“ во Ѓорче Петров ќе се поврзе со патот за Економија, обезбедувајќи безбеден премин преку пругата, интеграција на населбата Даме Груев и Стопански двор. Новата улица меѓу Хиподром и Општина Илинден ќе донесе брзина, безбедност и економски развој. Улицата „Пролетна офанзива“ ќе биде новата артерија што ги поврзува Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода преку мост над Вардар и клучка кај Хиподром во првата фаза со нејзината изградба во делот на Општина Гази Баба и проектирање за целосна нејзина изградба. Улицата „Веле Марков“ во Ѓорче Петров ќе се поврзе со булеварот Македонска војска, растоварувајќи го локалниот метеж. Улицата „Шарпланинска“ ќе ги поврзе жителите од населба „Даме Груев“ со главните коридори со модерна инфраструктура и зеленило. Улицата „Даме Груев“ во центарот на Скопје ќе прерасне во булеварско решение со правно и техничко решение за зградата на „Макотекс“ и модел за паркирање на жителите кои живеат во тој реон, рече тој.

Ѓорѓиевски потенцира дека со реализација на овој булевар комплетно ќе се ослободи центарот на Скопје од сите возила.

-А таму каде што веќе улиците постојат, но со децении се запоставени, започнуваме со целосна реконструкција. Прва ќе биде улицата „Перо Наков“ во Гази Баба, индустриското срце на Скопје конечно ќе добие современа инфраструктура. „Фрањо Клуз“ во Аеродром конечно ќе биде реконструирана за безбедно и современо движење. Улицата „Стар качанички пат“ клучен за развојот на економската зона во Визбегово и за целата државна економија, исто така ќе биде целосно реконструирана. Улицата „101“ во Волково решавање на пристапот ќе го обезбедиме до железничката станица и урбано достоинство за жителите таму. Улицата „Загребска“ главната артерија до Детската клиника Козле со значење за итни медицински интервенции исто така ќе биде реконструирана вендаш по промената на власта во градот Скопје. „Бутелска“ и „Радишанска“ од Расадник до Радишани со нова асфалта дренажа осветлување и сигурен пристап до домови, училишта и здравствени установи, рече тој.

Ѓорѓиевски нагласи дека ова не се само улици, туку решенија и ова е неговата заложба за град Скопје што не губи време во застој туку добива време за живот.

-За град што не се распаѓа туку ќе се обновува. За град што не ги заборава своите сограѓани, туку ги поврзува. За град во кој сите општини ќе имаат пред се рамномерен развој. Секо метар нова улица значи минути помалку гужва. Секој реконструиран тротоар ќе значи поголема безбедност. Секој поврзан кварт значи подобар пристап до училишта, болници, работни места. Ова е нашата визија, ова е нашата програма, ова ќе биде и нашата заложба. Во таа насока очекувам да ја продолжиме и продлабочиме соработката со Министерството за транспорт и со министерот Николоски кој е денеска тука заедно со мене, рече тој.

Ѓорѓиевски соопшти дека веќе се реализираат и други 13 капитални проекти за кои Кисела Вода аплицираше и добила средства од Владата преку Министерството за транспорт.

Во однос на решението за Скопје со превозот, Ѓорѓиевски нагласи дека најпрво ќе биде многу важно во првите моменти по превземањето на власта во градот Скопје да се нормализира колку што може сообраќајниот транспорт од аспект на ревитализација на возниот парк на возилата коишто ги имаме на располагање односно автобусите во ЈСП, но истовремено и давање лиценци и согласности на сите приватни превозници, без оглед од која политичка партија се, без оглед на националната или верска припадност.

-Тоа било случај кој што се практикувал во минатото, за жал, но од сето трпат граѓаните и имаат штета на крајот на денот. Јас ќе имам еден отворен пристап на целосна модернизација на возниот парк. Очекуваме 80 нови автобуси од страна на Владата и Министерството за транспорт за коишто подетално ќе може да каже  министерот. БРТ имаше одредени пропусти. Двата пропусти, според мене, коишто беа најсерозни беше тоа што во целиот тој проект беа изоставани Драчево, беше изоставен од Бутел делот спрема Радишани. Сега ќе бидат опфатени со проектот и ќе започнеме веднаш по преземањето на градската администрација, односно власта во градот Скопје со реализација на истиот. Зошто? Затоа што од една страна БРТ-то ќе го растерети метежот, но од друга страна веќе се обезбедени средства, веќе има заем за којшто граѓаните плаќаат камати. Јас како одговорен човек нема да дозволам да плаќаме камати за ништо. И дополнително како трета фаза во целата композиција на решавање на проблемот со ЈСП Скопје ќе биде заложбата на Министерството за транспорт, рече Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски посочи дека градскиот транспорт ќе го решава на повеќе начини.

-Тоа нема да биде само еден модел. Ќе бидат повеќе модели во една целина коишто на крајот на денот ќе ги задоволат потребите од граѓаните. Јас можам одговорно да ветам дека нема во наредните четири години граѓаните повторно да се соочуваат со проблемот којшто го имаме денес сите да чекаат со часови по автобуските, да живеат во неизвесност да не знаат дали ќе дојде автобус или пак ако дојде да бидат лоши условите во коишто ќе се возат за да стигнат од точка А до точка Б. Нашиот народ плаќа даноци во Скопје. И на нашиот народ во Скопје мораме да му обезбедиме соодветни услови во однос на користење на услугите на градот Скопје, рече Ѓорѓиевски.