
Олта Џачка едногласно избрана за заменик-претседател на ПССЕ
➡ Откако беше избрана за една од вкупно деветнаесетте заменици-претседатели на ПССЕ, Џачка напиша на социјалните мрежи дека ова не е само нова функција за неа, „туку силна порака на доверба дека Албанија има глас, тежина и визија“
Поранешната албанска министерка за надворешни работи, Олта Џачка, која во моментов е пратеник од редовите на владејачката Социјалистичка партија на Албанија, вчера едногласно беше избрана за заменик-претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), јави албанската агенција АТА.
Откако беше избрана за една од вкупно деветнаесетте заменици-претседатели на ПССЕ, Џачка напиша на социјалните мрежи дека ова не е само нова функција за неа, „туку силна порака на доверба дека Албанија има глас, тежина и визија“.
„Оваа функција носи јасни одговорности: да го засилам гласот на мојата земја во заштита на демократијата, владеењето на правото и човековите права“, напиша Џачка.
Таа додаде дека посветено ќе се ангажира за поддршка на Косово на неговиот пат кон членство во Советот на Европа, како и дека ќе стои „до Украина во нејзините напори за правда и мир“. Џачка, исто така, изјави дека ќе промовира „реформи кои ја прават Албанија сè посигурен партнер“.
Парламентарното собрание на Советот на Европа обединува 46 држави и служи како чувар на демократијата и човековите права на Стариот континент.
Основан во 1949 година, Советот на Европа е посветен на заштита на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Меѓу неговите 46 членки се сите 27 земји на ЕУ, како и Велика Британија, Турција, Србија, Украина и голем број други, кои опфаќаат околу 680 милиони Европејци од Гренланд до Азербејџан.