
Зеленски: Украинските сили ослободија над 170 километри квадратни територија кај Добропиља
➡ Украинските вооружени сили за време на контраофанзивната операција во реонот на Добропиља ослободија повеќе од 174 квадратни километри територија и нанесоа загуби од речиси 3.200 руски војници, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето вечерно видеообраќање.
Украинските вооружени сили за време на контраофанзивната операција во реонот на Добропиља ослободија повеќе од 174 квадратни километри територија и нанесоа загуби од речиси 3.200 руски војници, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето вечерно видеообраќање.
– Разговаравме одделно со военото раководство за оперативната состојба, а главниот командант го поднесе својот извештај. Контраофанзивната операција во Добропиља продолжува, изјави Зеленски, изразувајќи благодарност до единиците што учествуваат во акцијата.
Тој наведе дека од почетокот на операцијата украинските сили ослободиле повеќе од 174 км², а уште над 194 км² биле исчистени од руски диверзантски групи. – Руските загуби во оваа операција изнесуваат околу 3.200, од кои најголемиот дел се неповратно загубени, додаде претседателот на Украина.
Зеленски информира дека добил и најнови податоци за ситуацијата во Купјанск, во пограничните делови на Харковска област и на границата меѓу Доњецката и Днепропетровската област. – Ситуацијата таму е тешка, но важно е дека нашите сили прават сè за да ги одбранат своите позиции, нагласи тој.
Тој ја пофали и украинската единица која со дрон урна руски воен хеликоптер. – Ова достигнување инспирираше многу Украинци, рече тој, упатувајќи посебна благодарност до екипажот на баталјонот за беспилотни системи од 59. одделна јуришна бригада.
Зеленски додаде дека е од исклучителна важност украинските производители на дронови и ракети да работат со полн капацитет, бидејќи производствените можности на земјата сè уште не се целосно искористени.