(ФОТО) Десетици илјади граѓани трчаа и пешачеа во Атина за подигнување на свеста за ракот на дојка

Над 60.000 лица на сите возрасти, некои организирани тимски, некои индивидуално, учествуваа во трката од пет километри и пешачењето од два километри во центарот на Атина во рамките на „Race for the cure“ со цел заедно да упатат силна порака за меѓусебна поддршка и подигнување на свеста за ракот на дојка, јави дописничката на МИА од Атина.

Над 60.000 лица на сите возрасти, некои организирани тимски, некои индивидуално, учествуваа во трката од пет километри и пешачењето од два километри во центарот на Атина во рамките на „Race for the cure“ со цел заедно да упатат силна порака за меѓусебна поддршка и подигнување на свеста за ракот на дојка, јави дописничката на МИА од Атина.

Под мотото „Заедно посилни од ракот на дојка“, по 17 пат се одржа традиционалната трка во организација на Грчкото здружение на жени со рак на дојка „Алма Зоис“, а оваа година имаше рекорден број учесници.

Сите учесници носеа исти маици добиени при регистрацијата која чинеше осум евра за маршот и десет за трчање, а сите средства се за поддршка на жените со рак на дојка.

Центарот на Атина неколку часа беше исполнет со граѓани на сите возрасти, жени и мажи, семејства со мали деца, друштва, млади и стари. Некои трчаа, некои пешачеа, секој со своите сили и можности, но со иста цел.

Особена почит беше упатена до жените со розови маици, жените „survivors‘“, жените победнички во битката со ракот на дојка.

Детските маички пак беа со пораката „Мамо, да внимаваш“.

„Трчам за…сите, за онаа која се бореше, за онаа која успеа, за она која не успеа, за мене“; „Трчам за…Васо, Константина, Марианта, Олга, Ѕина. За сите нас“, „Трчам за… сите жени“; „Трчам за…мајка ми“, беа само мал дел од пораките закачени на маиците на учесниците.

-Оваа година првпат решив да учествувам на трката од пет километри. Тешко беше, но сигурно не потешко од битката против ракот на дојка. Трчам за мајка ми, за сестра ми, кои не се повеќе со нас, но и за сите жени што се борат, вели за МИА учесничка во трката.

„Race for the cure“ е еден од најголемиот спортски настани во Европа посветен на здравјето на жените, а во Атина се одржува секоја година од 2009 година, во организација на грчкото Здружението на жени со рак на дојка „Алма зоис“ заедно со општина Атина.

Освен испраќање силна порака и покревање на свеста за превенција и навремено откривање на ракот на дојка, како што велат организаторите, денешниот настан има не само симболично, туку и практично значење со оглед на тоа дека средствата одат директно за „Алма зоис“.

Целта беше спроти античкиот олимписки стадион „Панатенаик“ во центарот на Атина, а паралелно со трките и маршот, учесниците има можност преку низа едукативни ракот да се информираат за ракот на дојка.

Претпладнево, сте патишта водеа кон центарот на Атина, а атинското метро, беше премало да ги собере учесниците на денешните манифестации.