Влада со ново задолжување од милијарда евра

Владата најавува ново задолжување од речиси една милијарда евра преку издавање на еврообврзница, со што дополнително ќе се зголеми товарот на јавниот долг. Според најавата на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, планирано е во јануари 2026 година на меѓународниот финансиски пазар да се обезбедат околу 950 милиони евра.

Владата најавува ново задолжување од речиси една милијарда евра преку издавање на еврообврзница, со што дополнително ќе се зголеми товарот на јавниот долг. Според најавата на министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, планирано е во јануари 2026 година на меѓународниот финансиски пазар да се обезбедат околу 950 милиони евра.

Од таа сума, 700 милиони евра ќе бидат искористени за рефинансирање на еврообврзницата издадена во 2020 година, додека преостанатите 250 милиони евра ќе се насочат кон буџетот за тековни потреби.

„Задолжувањето е внимателно испланирано и е во рамките на целите за стабилност на јавниот долг, навремено сервисирање на обврските и обезбедување средства за буџетски потреби,“ изјави министерката, додавајќи дека дел од буџетскиот дефицит ќе се покрива преку домашниот пазар, а дел преку надворешни извори.

Заклучно со јуни 2025 година, јавниот долг изнесува 58,5 % од БДП, а во јули пораснал на 58,7 %. Димитриеска Кочоска посочи дека, доколку економските показатели се движат според очекувањата, можно е да не се достигне проектираниот јавен долг од 62,1 % за 2025 година, туку тој да остане на пониско ниво.

Процесот за новата еврообврзница веќе е започнат, а во рамките на есенските средби на Светската банка и ММФ министерката најави и средби со потенцијални инвеститори во САД.

Македонија досега има издадено девет еврообврзници. Првата била во 2005 година (150 милиони евра со камата од 4,625 %). Во 2009, за време на глобалната финансиска криза, беше издадена втората еврообврзница со камата од речиси 10 %, што остана најскапото задолжување за граѓаните.

Во 2014 година беше издадена третата еврообврзница во вредност од 500 милиони евра, која бележеше рекордна побарувачка. Потоа следуваа задолжувања во 2015, 2016 и 2018 година, секое со свои услови, но со значајна каматна тежина за буџетот.

Во 2020, 2021 и 2023 година државата издаде уште три еврообврзници во вкупен износ од 2 милијарди евра. Во наредните години достасуваат за отплата токму овие последни задолжувања, чиј вкупен износ е околу 1,9 милијарди евра.

Иако Владата тврди дека новото задолжување е неопходно за да се обезбеди навремена отплата на постојните долгови и стабилност на буџетот, дел од економските аналитичари предупредуваат дека оваа пракса создава поголем фискален притисок. Според нив, ефектите од претходните задолжувања врз реалниот сектор се сѐ уште нејасни, а земјата продолжува да влегува во нови долгови.