Градоначалникот на Киев – Виталиј Кличко Украина ја нарече „клуч за слободата во светот“. Тој денеска побара поддршка за неговата земја од како што ја нарече „оваа бесмислена војна“ со Русија.
Кличко се обрати на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија и рече дека Украина е мирна земја која не е агресивна кон никого и дека Украинците сакаат да бидат „дел од европското семејство“ со приоритет на човековите права, слободата на печатот и „демократските животни стандарди“.
„Ние не го браниме само нашето семејство и нашите деца, ние ве браниме и вас затоа што ги имаме истите вредности“ – рече Кличко.
Поминаа повеќе од 90 дена откако Русија ја започна инвазија на Украина, а Кличко рече дека тоа му се чини како да поминало „еден долг, долг ден“.