Ковачки го праша Ковачевски дали смета дека Џафери е закана за националната безбедност!

„Денеска сме во континуитет на некое така заробено да речам Собрание, во кое што владее хаос, во кое што не владее демократија, во кое што се погазија сите принципи на демократијата. Континуитет на хаосот кој што е создаден токму од човекот позади мене, поточно од Талат Џафери кој што седи и претседава со седницава. И во тој контекст јас ќе продолжам понатаму односно ќе поставам неколку пратенички прашања кои што се однесуваат на произнесувањето од страна на премиерот односно претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, човекот кој што ја предводи Владата на ДУИ. На седницата од 11-ти мај оваа година, значи точно пред две седмици на собранискиот канал на МРТ целата македонска јавност имаше можност да слушне како еден претседател на Собрание кој што е избран од ова парламентарно мнозинство и тоа по втор пат како вулгарно, на нецивилизиран, на еден крајно примитивен начин се однесува кон службите кои што се вработени односно кои што треба да не опслужуваат сите нас“.

Ова од собраниската говорница денеска на пратенички прашања го истакна Драган Ковачки, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Притоа Ковачки го праша премиерот Ковачевски што тој ќе преземе во врска со неодамнешните навреди што Џафери ги упати кон вработени во Собранието, но до претседателот на Владата имаше и прашање дали како премиер ќе побара одговорност од вториот човек на државата.

Ковачки посочи и дека не се одговори и од кого потекнала идејата за споменикот на Ахмат Кадиров во Тетово.

„Дали сметате дека Талат Џафери е закана за национална безбедност? И дали сте горди што тој ви ја предводи коалицијата во Собранието“ праша пратеникот од опозицијата.