Вигенин: Немаме причина да кажеме дека треба да се укине ветото!

„Неопходно е да се свика ново заседание на бугарскиот Консултативен совет за национална безбедност посветено на темата за Македонија, бидејќи тоа прашање е „доволно контроверзно“ и само претседателот на Бугарија, Румен Радев може да ги собере сите партии на една маса за да разговараат за него“. Ова денеска го изјави потпретседателот на бугарското Собрание – Кристиан Вигенин.

Вигенин, кој е поранешен министер за надворешни работи, смета дека заклучоците на Советот би можеле потоа да бидат поддржани со одлука на Собранието или Владата на Бугарија.

„Да видиме дали имаме нешто конструктивно и позитивно со што можеме да излеземе и што ќе го гарантира нашиот долгорочен интерес како држава“ вели Вигенин за БНТ.

Тој смета дека е неприфатлив ставот на премиерот на Бугарија, Кирил Петков да се свика ново заседание на Советот само за да се види дали има некаков позитивен план за развој на односите.

„Денеска немаме причина да кажеме дека треба да се укине ветото. Ако ништо не се случи, нема шанси да го укинеме ветото. Ние мора да ги оствариме нашите цели. Тоа е ставот на БСП“ смета тој.