Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска побара интерпелација за собранискиот спикер Талат Џафери, велат стори кривично дело за кое се лежи во затвор откако пратеници на оваа партија синоќа се пожалија дека тој ги држи заклучени во пленарната сала.
Тој утрово не објасни зошто вратите на салата биле затворени, а од ВМРО-ДПМНЕ порачаа:
„Со затворањето на пратениците, Талат Џафери стори кривично дело за кое се лежи во затвор. Џафери ги затвори вратите во Собранието и практично ги држеше пратениците како заложници. Тој со ова свое дејство стори кривично дело од чл. 140 ст. 3 и 4 од КЗ, од кои ст. 3 гласи дека и обидот се казнува. Додека ст. 4 вели дека ако противправното лишување од слобода го стори службено лице со злоупотреба на службената положба или овластување, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години“.
Од партијата посочуваат дека ова е трета тешка злоупотреба на позицијата на Џафери.
Ваквите случувања дополнително ја нарушуваат довербата на граѓаните во парламентот и во неговата ефикасност. Извештаите на Собранието покажуваат дека од година во година се намалува ефикасноста на парламентот.