Ќучук: Ако Бугарија го блокира европскиот пат на С. Македонија, ќе се забави развојот на регионот

„Доколку Бугарија не даде зелено светло за почеток на преговорите за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, тоа ќе резултира со забавување на развојот на регионот, што во никој случај нема да биде од полза за меѓународниот имиџ на Софија“.

Ова е оценката на бугарскиот европратеник Илхан Ќучук искажана на конференцијата „Либералите за иднината на Европа – Од конференција до европски реформи“ што се одржа во Софија.

Ќучук вели дека ЕУ очекува Софија да даде зелено светло за почеток на преговорите за членство на земјава во Унијата и додаде дека не постои начин како да им се објасни на идните генерации во Бугарија дека Албанија може да го започне преговарачки процес, а на „оние што ги дефинираме како браќа и имаме легитимна причина да бидеме историски многу блиски, им ја одземаме можноста да бидат дел од ЕУ“.

Ќучук смета дека ако постои притисок од европските институции врз Бугарија, тоа не претставува надворешен, туку легитимен притисок, бидејќи и бугарскиот премиер Кирил Петков и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска се дел од преговарачкиот процес на ЕУ. Според него, Бугарија и Република Северна Македонија мора да се вратат на прагматичен пристап и да ги најдат сите можни дипломатски и политички решенија за билатералното прашање.