Тензии во македонското Собрание – спикерот Џафери ги заклучи пратениците

Во македонското Собрание синоќа владееше тензична атмосфера, за време на пленарната седница.

Претседателот на Парламентот – Талат Џафери нареди да се заклучи вратата на собраниската сала за да можат службите да ги пребројат присутните пратеници.

На ова бурно реагираа пратениците од опозицијата додека Џафери бараше да направат список на пријавени за збор по 15. точка – Дополнет предлог на закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам.

„Да видите како во Собранието кога треба да се пријавуваме за дневен ред се заклучува врата од Собранието“ – рече пратеникот Миле Лефков во видео кое го објави од собраниската сала.

„Кого заклучуваш? Ќе ѕвонам на полиција да те пријавам, бе. Кој ти дава право?“ – реагираше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ – Никола Мицевски.

Сепак, состојбата се смири откако службите ги пребројаа пратениците. Во салата беа присутни 38 пратеници.

Седницата не продолжи и околу 23 часот Џафери мораше да ја прекине.