
Анкета: Седум од десет Грци сметаат дека земјата оди во погрешна насока
Во погрешна насока оди Грција, според 70 отсто од анкетираните во истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Metron Analysis“ за грчката телевизија „Мега“, додека пак исто толку ја оценуваат негативно работата на Владата, јави дописничката на МИА од Атина.
Во погрешна насока оди Грција, според 70 отсто од анкетираните во истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Metron Analysis“ за грчката телевизија „Мега“, додека пак исто толку ја оценуваат негативно работата на Владата, јави дописничката на МИА од Атина.
Поскапувањето на цените и економијата остануваат најголеми проблеми за Грците, а половина од испитаниците (51 отсто) сметаат дека лично тие се во полоша состојба споредено со лани.
За геополитичките теми, 66 проценти од Грците го оценуваат негативно начинот на кој американскиот претседател Доналд Трамп ги извршува своите должности, 65 отсто одговориле дека во војната во Украина се против Русија, а 76 отсто поддржуваат формирање независна палестинска држава на Западниот Брег и во Појасот Газа.
На политичката сцена во Грција, шест од десет анкетирани (62 отсто) сметаат дека на земјата ѝ е потребна „политичка промена“, а на прашањето „Кој е најсоодветен за премиер?“, најголем број гласови добива опцијата „никој од понудените“ (35 проценти) на листата на која се актуелниот премиер (кој добива 25 отсто) и останатите лидери на политичките партии.
Нова демократија е стабилна на првата позиција со двојно повисок рејтинг од ПАСОК, трета е радикално десничарската Грчко решение, а потоа следат левичарската Курс на слобода и Комунистичката партија, додека пак СИРИЗА е на шестата позиција.
Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Metron Analysis“ за грчката телевизија „Мега“ било спроведено од 10 до 16 септември со анкетирани 1.300 лица.