Роберт Голоб е нов премиер на Словенија

Роберт Голоб синоќа беше избран за нов премиер на Словенија откако парламентот го изгласа со 54 гласа „за“, 30 „против“, додека еден глас беше неважечки.

Следната недела се очекува пратениците да гласаат и за составот на новата Влада.

Голоб рече пред пратениците дека врз основа на довербата што му ја дале граѓаните на 24. април сака на Словенците да им даде надеж за подобра иднина и да им ја врати радоста кон животот. Тој рече дека граѓаните на изборите покажале дека сакаат да живеат во нормална држава, а не во постојаната неизвесност што ја имале последните две години.

Голоб со „Движење Слобода“ на изборите однесе убедлива победа освојувајќи околу 35 отсто од гласовите, или 41 мандат.

Тој рече дека брзо биле усогласени целите на работењето на новиот кабинет, но посочи дека со оглед на брзите промени на околностите во иднина ќе биде неопходно постојано приспособување.