„Грција работи засилено за обезбедување на мирот, безбедноста и стабилноста на регионот. Верувам дека единствениот пат за да се постигнат тие цели претставува јасна и целосна поддршка на европската перспектива на Западниот Балкан. Сигурни сме и длабоко веруваме дека преговорите со Македонија и Албанија треба да почнат веднаш“.
Оваа порака од Скопје ја упати денеска шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас. Тој на прес-конференцијата со министерот за надворешни работи Бујар Османи нагласи дека јасно даваат поддршка за европската перспектива на Македонија и оти неговата посета на Скопје е за да покаже оти се „заедно со нас по патот кон Европа”.
„Сметаме дека сме ваш близок сојузник, ќе дадеме соодветни напори да се унапредат односите меѓу нашите земји на билатерално ниво и тоа се поддржува и од Акцискиот план кој е усвоен на првиот највисок Совет за соработка“ – рече Дендиас.
За Османи, европската перспектива на регионот е прашање од безбедносен интерес и за нас и за Европа.
„Стартот на преговорите со Македонија и Албанија е најдобриот начин да се врати еворпскиот кредибилитет во регионот, и во оваа насока ме радува што ја имаме целосната поддршка на Грција“ – нагласи Османи.
Тој потенцира дека Македонија и Грција се земји кои се добри соседи и ги градат своите меѓусебни односи создавајќи предуслови за трајно прјателство.